Новата генерација на Caddy деновиве пристигна во Македонија и сега е достапна и за македонските купувачи

Volkswagen Caddy одамна е докажан во класата на лесни комерцијални возила, а во своите две последни генерации стана препознатлив и по својата популарна патничка варијанта. Претставен пред околу една година, новиот Caddy пристигна и во нашата земја и е достапен во продажниот салон на Volkswagen во Скопје.

Веќе на прв поглед е забележлив новиот дизајн на надворешноста кој е само еволуција на дизајнот од претходните две генерации. На располагање се LED светлосни групи, современи системи на асистенција и голем број други модерни технологии. Новиот Caddy е поставен на модуларната MQB платформа и може да превезува до пет лица, а како опција е достапен и голем стаклен панорамски покрив со површина од 1,4 квадратни метри.

Новата генерација на моделот покрај новиот дизајн и современите системи за асистенција, добива и висококвалитетен дигитален кокпит и напреден инфо-забавен систем, а дигитализирани се и други контролни елементи, слично како кај новата генерација на Golf. За прв пат кај Caddy постои опција за бесконтактен пристап и стартување на возилото.

Новиот VW Caddy се нуди со 2.0-литарски турбо дизел со 75, 102 и 122 КС, како и 1.5-литарскиот турбо бензинец со 116 КС. Трите верзии пристигнуваат со 6-степен мануелен менувач или 7-степен автоматик со двојна спојка кои моќноста ја испраќаат на предните тркала. Купувачите како опција можат да изберат и погон на сите четири тркала.

На нашиот пазар Caddy засега се нуди само со дизел мотор и тоа во сите три варијанти, а зависно од потребите (комерцијално или патничко), нивото на опременост и опционалниот погон на сите четири тркала, цените варираат од 17.269, па се до 34.471 евра. Моделот на сликите е во основно ниво на опременост.

За повеќе информации посетете го продажниот салон во Скопје или официцијалниот сајт на Volkswagen во Македонија.