Новиот Peugeot 308 поголем и со две нови хибридни верзии / ФОТО + ВИДЕО
Хечбекот го следи променетиот стил на брендот, а неговата продажба започнува на есен
Втората генерација на Peugeot 308 се произведува скоро 8 години, а во 2017 година имаше сериозно ажурирање. Сега францускиот производител официјално ја претстави третата генерација на еден од своите најважни и најпопуларни модели во моментот.
Хечбекот го следи новиот стил на марката, со фарови и решетка кои потсетуваат на кросоверите 3008 и 5008 кои беа ажурирани минатата есен. На решетката се наоѓа новото лого во форма на штит. Името на моделот е поставено помеѓу рељефниот капак на моторот и решетката на ладилникот.
Задните светла се протегаат по целата ширина на багажникот, поврзани со сјаен елемент, но тој нема ЛЕД-лента, која во последно време некако сме навикнати да ја гледаме кај повеќето нови модели. Клиентите ќе може да избираат помеѓу 16, 17 и 18 инчни тркала и седум бои на каросеријата.
Со промената на генерации, Peugeot 308 стана првиот модел на марката кој се префрлил на новата платформа EMP2. Тоа значи зголемен простор во салонот, иако е намалена неговата должина и висина. Сепак, севкупно, хечбекот е продолжен за 11 cm – до 4,36 m, а растојанието помеѓу двете оски е зголемено за 55 mm – до 2.675 m.
Сепак, висината на хечбекот е намалена за 2 cm – до 1,44 m, благодарение на што коефициентот на отпое е спуштен на 0,28. Волуменот на багажникот е исто така помал – 412 литри (претходникот имаше 470 литри). Со преклопени задни седишта, волуменот се зголемува до 1.323 литри.
Воланот со два крака, дигитална инструмент табла и седумте физички „типки“ под 10-инчниот мултимедијален дисплеј, и не се ново, бидејќи се е во стилот на новите веќе видени модели на Peugeot, но затоа технолошкото ниво и ниво на безбедност е на многу повисоко ниво споредено со претходната генерација.
Гамата на мотори вклучува 3-цилиндерски бензински мотори Pure Tech со зафатнина од 1.2-литри, со 110 и 130 КС, како и 4-цилиндерски дизел BlueHDi со зафатнина од 1.5-литри и 139 КС. Најслабиот мотор е комбиниран со 6-степен мануелен, а за остатокот од гамата се нуди 8-степен автоматик.
За Европа ќе бидат понудени и две plug-in хибридни верзии, кои може да се полнат од електричната мрежа. Двете верзии имаат електомотор со 110 КС, батерија со капацитет од 12,4 kW / h и автоматски 8-брзински менувач. Се разликуваат по нивните бензински мотори – првиот развива 150 КС, а другиот – 180 КС. Нивната вкупна моќност е 180 и 225 КС, што се гледа од имињата на модификациите. Послабиот има автономија од 60 километри само на електрична енергија, а помоќниот – 59 километри.
Продажбата на новиот Peugeot 308 на европските пазари во хечбек верзија ќе започне во втората половина на годината. Караванот ќе биде понуден нешто подоцна.