Францускиот производител Peugeot го претстави концептот 508 Sport Engineered со plug-in хибриден погон и спортски перформанси

Новиот хибриден концепт е дело на одделот Peugeot Sport, а автомобилот е базиран на серискиот 508 Hybrid.

Срцето на погонскиот систем е 4-цилиндерски 1.6-литарски PureTech турбо бензински мотор со 200 „коњи“, кој е спарен со два електрични мотори.

Послабиот, со своите 110 КС ги придвижува предните тркала, додека другиот од 200 КС испраќа моќ на задната оска, давајќи му на автомобилот погон на сите четири тркала.

Иако вкупната моќ на трите погонски единици е повеќе од 500 КС, францускиот производител вели дека во реалност на возачот на располагање му е комбинирана моќност од 400 „коњи“.

Максималниот вртежен момент е 500 Nm, а Peugeot тврди дека 508 Sport Engineered Concept до „стотка“ спринта за само 4,3 секунди, пред да стигне до максимум, електронски ограничената брзина од 250 km/h.

Концептот е опремен со 11,8 kWh погонски батерии, што овозможува да помине до 50 км во чисто електричен режим.

Официјалната премиера на концептот е закажана за автомобилскиот саем во Женева следниот месец, а дали се планира сериска верзија не е објавено.