На почетокот од годината, на саемот во Детроит, Ford ја претстави новата генерација на Shelby GT500 за 2020 година и посочи дека станува збор за најмоќниот сериски автомобил што некогаш ја напуштил фабриката на компанијата

Тогаш се шпекулираше дека моќта треба да изнесува повеќе од 700 „коњи“, за сега сите непознаници да бидат и официјално отстранети. Shelby GT500 ќе развива 760 коњски сили од 5.2-литарскиот V8 мотор со компресор. Ова го прави помоќен од претходниците (662 „коњи“ од 5.8-литарски мотор) и од сегашниот Ford GT (647 „коњи“ од 3.5-литарски турбо агрегат).

На овој начин, Mustang засега ја добива војната со Chevrolet Camarо ZL1 (650 „коњи“), но не и со Dodge Challenger Hellcat Redeye (797 КС). Предноста на Ford е тоа што користи значително помал агрегат, бидејќи конкурентите од Chevrolet и Dodge својата моќ ја развиваат од агрегат од 6.2-литри.

Единствениот менувач, како опција, е 7-брзински автоматски менувач со двојна спојка кој ќе ја пренесува моќта на задните тркала. Од Ford велат дека одлучиле да не нудат мануелен менувач бидејќи таква е желбата на повеќето клиенти.

Забрзувањето до „стотка“ не е познато, но производителот потврди дека една четвртина милја (402 метри) ќе се поминуваат за само 11 секунди, додека максималната брзина ќе биде ограничена на 288 km/h.

За споредба, претходникот, произведен од 2013 до 2014 година, една четвртина милја минува за 11,6 секунди, a максималнаta брзина e 320 km/h. Стандардни гуми се Michelin Pilot Sport 4S, а опционално со доплата клиентите може да добијат Michelin Pilot Sport Cup како и спојлер направен од пластика појачана со јаглеродни влакна.

https://youtu.be/4k2MofDZwto?list=PLmuoo4kGcGD5ufuR-wQYwfuiA8Hjatzrg

Првите примероци во салоните треба да се појават оваа есен, а цената сеуште не е позната.