Четвртата генерација на Škoda Octavia веќе е влезена во фаза на тестирање, а по шпионските слики од пред неколку месеци, сега се достапни и нови детали

Кога станува збор за надворешниот дизајн, драстични промени нема да има, споредбено со сегашната генерација. Сепак, во некои извештаи се вели дека во новата генерација на Octavia ќе се отфрли сегашниот стил на фаровите и истите ќе добијат класичен дизајн.

Имено, новата генерација ќе добие нова и поголема решетка на ладилникот со хромирани детали, како и рестилизирани задни светлосни единици. Исто така, ентериерот ќе биде различен и опремен со најнова технологија. Пред сè, ова се однесува на нов инфо-забавен систем, како и нов, дигитален инструмент-панел.

Новата генерација на Škoda Octavia ќе биде поставена на подобрена верзија на платформата MQB на која ќе се базира и осмата генерација на VW Golf, кој треба да биде претставен следната година, како и следната генерација на Seat Leon и Audi A3.

Новата генерација од најпродаваниот модел на чешкиот производител ќе се продава со неколку различни бензински мотори. Прерано е за детали, но големи се шансите воведната верзија на моделот во себе да носи 4-цилиндерски мотор со зафатнина од 1.5 литри, што ќе се развива околу 200 коњски сили, додека RS верзијата ќе поседува агрегат кој ќе се развива околу 250 „коњи“.

Како што засега стојат работите, Чесите немаат намера да се откажат од дизелите, па Octavia, најверојатно, ќе се продава со нов 1.5-литарски дизел мотор кој ќе го замени тековниот од 1.6 литри. Гласините велат дека во блиска иднина, Škoda Octavia ќе добие и „благ“ хибриден погон.

Точниот датум на премиерата на новата, четврта генерација на Škoda Octavia, се уште е непознат, но се очекува да биде на крајот од 2019 година.