Моделот предводник на Škoda наскоро ќе добие уште една итерација

Superb неодамна го прослави својот 20-ти роденден и досега се покажа како многу успешен модел на Стариот континент, и долго време беше еден од столбовите на продажбата на Škoda во Европа. Сегашната генерација, која е на пазарот од 2015 година, се произведува во Квасини, но со промената на моделот, ќе има промени и во таа област. Следниот Superb ќе биде монтиран во фабриката на Volkswagen во Братислава, а тоа е случај и со идниот Passat.

За разлика од Passat, кој речиси сигурно ќе се нуди исклучиво како караван, Superb ќе ја продолжи кариерата во две варијанти. Што се однесува до дизајнот на моделот, не се очекуваат огромни промени. Сето тоа треба да биде повеќе еволуција отколку револуција. Во кабината се најавени малку поквалитетни материјали, иако и актуелниот Superb е одличен на тоа поле.

Ќе биде интересно да се види како ќе изгледа моторната гама… Германските новинари веруваат дека базната единица ќе биде 1.5 TSI со 150 КС и дека некои бензинци ќе бидат одбрани со 2.0 TSI во две конфигурации – со 190 и 280 „глави“, со што последната варијанта ќе има погон на сите тркала. Од друга страна, колегите од Чешка се убедени дека Superb ќе го задржи дизел моторот, односно познатиот 2.0 TDI, иако прашање е дали ќе биде достапен само во една или повеќе верзии.

Сигурно е дека новиот Superb исто така ќе има право на plug-in хибридни изданија, иако останува да видиме дали ќе продолжи со сегашната поставеност која користи термички мотор 1.4 TSI. Познато е дека Volkswagen Group подготвува нов plug-in хибриден погон каде улогата на мотор со внатрешно согорување ќе ја преземе помодерниот 1.5 TSI.

Бидејќи се шпекулира дека VW Passat ќе биде првиот со овој нов систем, тогаш сосема логично е Superb да тргне по неговите стапки. Една од главните предности на новиот plug-in хибрид е тоа што треба да обезбеди опсег во EV режим од 100 километри.

Како што е случај со сите други нови автомобили, Superb треба да се очекува со повисока цена во споредба со сегашното издание. Премиерата на следната генерација треба да се случи кон крајот на следната година или на почетокот на 2023 година.