На интернет протекоа фотографии од новата генерација на малиот градски модел со ознаки на Opel

По претставувањето на Peugeot 208, а сега откако можеме да ја видиме и новата Corsа, и покрај уникатниот изглед што го има брендот Опел, сосема е јасно дека ова е француски автомобил од глава до пети.

По децениите во кои Opel беше под контрола на американскиот концерн General Motors, ова е првата Corsa од следната ера кај која семејните односи со другите модели од групата PSA се очигледни. Corsa ја користи новата CMP архитектура на која се базира и новиот Peugeot 208.

Моторната гама е исто така земена од малиот Peugeot, така што за погонот на малата Corsa ќе биде задолжен три-цилиндерскиот 1.2-литарски PureTech бензински мотор со три нивоа на излезна моќност, почнувајќи од 75 „коњи“, како и 1.5-литарски дизел мотор. Новитет во гамата е електричната Corsa-e која ќе има автономија од 340 километри со едно полнење на батерискиот сет.

Масата на влезниот модел е под еден тон односно 980 килограми, што е повеќе од 100 килограми заштеда на тежина во споредба со претходникот. 

Новата генерација на Corsa е 4 cm подолга и 1,8 cm поширока. Затоа пак новитетот е понизок за околу 5 cm, па така висината е ограничена на 143 cm. Меѓуоскиното растојание е поголемо за 2,8 cm, благодарение на што сега изнесува 2,54 m. Волуменот на багажникот, исто така, е зголемен, така што сега е 309 литри, што е 24 литри повеќе од претходникот. Новата Corsa ќе им биде понудена на купувачите само во верзија со пет врати, исто како и повеќето ривалски модели.

Поставувањето на инструментите пред возачот е доста класично, а претпазливоста на дизајнерите во желбата да не се разочара некој е особено очигледна. Централно поставениот екран чувствителен на допир е хоризонтален, а неговата употреба ќе бара од возачот да го тргне погледот од патот, првенствено поради тоа што е поставен малку пониско, што е сосема поинакво поставување во споредба со новиот 208.

Официјалната презентација пред публика на новата Corsа ќе се одржи на Саемот за автомобили во Франкфурт оваа есен, а по воведувањето на овој новодојденец, следниот Opel на листата ќе биде новата Mokka X чие деби е закажано за следната година. Овој модел ќе се потпира на истата платформа како и Corsa.