Нова опција во софтверот на Tesla
Автопилотот ќе запира на црвено светло и знакот СТОП, но исто така ќе забави и на зелено светло
Некои критичари на Tesla сметаат дека компанијата не треба да го тестира својот софтвер во реални услови, бидејќи само една грешка би можела да биде фатална
Кон крајот на минатата недела, сопствениците на некои од автомобилите на Tesla добиле нова надградба на софтверот во нивниот автомобил и систем за автономно возење кој ќе им овозможи на автомобилите да го препознаат црвеното светло на семафорите и знакот Стоп, а со тоа и да застанат. Новата верзија на софтверот е сè уште во фаза на тестирање и вештачката интелигенција на Tesla треба да учи од примери од реалниот живот и да ги подобри своите можности со текот на времето.
Со новиот софтвер автомобилите на Илон Маск, како што може да се види од видеата објавени на YouTube, добро ги препознаваат семафорите и знаците СТОП и пред нив забавуваат и застануваат, но автомобилите забавуваат дури и кога на семафорите е вклучено зелено светло. Кога се приближува до семафор, автомобилот го известува возачот дека има намера да забави и да запре, по што возачите можат да стиснат на гас за да му дадат на автомобилот порака дека е безбедно да се продолжи со возењето и не мора да се застанува на семафорот.
Но, ако возачите не реагираат, забавувањето на 10-на километри на час може да биде доста опасно бидејќи возачите во автомобилите зад Tesla не очекуваат такво забавување. Поради тоа, може да дојде до сообраќајни несреќи односно удар во задниот дел на возилата на Tesla кои (неочекувано) забавуваат, предупредува Миси Камингс, професор на на Дјук универзитетот која го проучува автономното возење.
#Tesla #Autopilot stopping for red lights for the first time. pic.twitter.com/M0zkiqyypl
— Out of Spec Motoring (@Out_of_Spec) March 26, 2020
При надградба на софтверот и од компанијата на Маск, доаѓа предупредување дека автопилотот можеби нема да го запре автомобилот во сите ситуации. Затоа, возачите треба секогаш да бидат колку што е можно посконцентрирани и подготвени да ја преземат контролата или да го запрат автомобилот кога тоа е потребно.
Иако со овој вид тестирање, софтверот ќе се унапредува за да стане целосно автономен еден ден, Камингс е доста критична за тестовите во реалниот свет. Таа се прашуваше дали регулаторите треба да реагираат и да забранат употреба на недовршен софтвер во јавноста, особено затоа што станува збор за софтвер кој, нагласува таа, има значителни недостатоци.
Новата технологија на Tesla е критикувана и од Пол Годсмарк од канадскиот центар за извонредност на автономните возила (CAVCOE), за која вели дека е „рецепт за катастрофа“. Имено, доволно е од 10.000 пати, софтверот да откаже само еднаш и да не застане на семафор или на знакот СТОП, за да се предизвика смртна последица.
Како и секогаш, ситуацијата не е црно-бела. Додека автомобили на Tesla со вклучен автопилот учествувале во некои сообраќајни незгоди, дури и со смртни случаи, има многу случаи кога сопствениците на возила на Tesla коментирале дека токму автопилотот однсоно софтверот ги спасил од сообраќајни незгоди бидејќи реагирал пред возачот. Tesla, исто така, постојано предупредува дека нивната услуга наречена автопилот не е во суштина автономно возење. Тој е асистент при возење и за време на неговата употреба секогаш е потребно да ги имате рацете на воланот и да ја следите состојбата во сообраќајот, така што возачите можат да реагираат навреме, на што многу сопственици не се придржуваат.