Нов американски план: „Купете нафта од Русија, но по дисконтни цени!“
Се претпоставува дека таквата идеја би била прифатлива и за Русите
Тажни времиња – контроверзните идеи. Но и онака високата политика неможе секој да ја разбере. САД и Европа се обидоа со санкции да ја забават руската инвазија на Украина, но со тој потег сами си „пукаа во нога“. Инфлацијата галопира, цените на горивата беснеат и на економската нестабилност и нема крај.
Американците и Европејците, барем оние кои носат клучни одлуки, сега разговараат за нов пристап – да им се дозволи на Русите да продаваат нафта, но по дисконтни цени, некаде околу 70 долари за барел ( ах Европо, Европо…). Тоа би влијаело на падот на цената на нафтата на сите пазари. Се претпоставува дека таквата идеја би била прифатлива и за Русите (не сме баш сигурни во тоа). Русија сега продава нафта во Индија и Кина по речиси иста цена, но таму не можат да испорачаат (пре)големи количини бидејќи нема нафтоводи, односно нафтата се транспортира со танкери.
Американскиот министер за финансии Џенет Јелен најави:
„Сакаме руската нафта на пазарот за да ги контролираме глобалните цени и да се обидеме да избегнеме скок што предизвикува глобална рецесија и ја зголемува цената на нафтата. Апсолутна цел е да се ограничи приходот што оди во Русија“, цитира Wall Street Journal.
Прашање е како Русите ќе реагираат на ова. Од една страна, тие можеби не се подготвени за голем попуст, а од друга страна, 70 долари за барел значително ги надминува трошоците за производство. Не е познато како високата цена на нафтата и заработката на Русите ќе продолжат да ги намалуваат воените активности во Украина…