Норвешка се збогува со бензинците и дизелите: Следната година ќе се купуваат само нови електрични автомобили?!
Од почетокот на 2021 година, 19 од 25-те најпродавани нови автомобили во Норвешка се електрични автомобили
Целта на Норвешка е да ја забрани продажбата на нови автомобили со погон на фосилни горива од 2025 година. Можеби звучи како првоаприлска вест, но реалноста веќе ги демантира најавите. Имено, норвешкиот магазин Motor пишува дека од следната година продажбата на бензинци и дизели во таа земја може да биде толку ниска што електричните автомобили ќе имаат скоро 100 проценти доминација на пазарот на нови возила. Во првите осум месеци од 2021 година, дизелите и бензините заедно сочинуваа помалку од десет проценти од сите 110.864 нови регистрации. Доколку продолжи трендот, како и во последните пет години, учеството на моторите со внатрешно согорување за седум месеци ќе дојде на речиси нула.
Од почетокот на 2021 година, 19 од 25-те најпродавани нови автомобили во Норвешка се електрични автомобили. На врвот на листата е Mоdel 3 на Tesla со 7.048 нови регистрации во тој период. Првиот модел без батерија или хибриден погон е VW Tiguan TDI на 38-то место со 678 нови регистрации. Сето ова има врска со силните владини стимулации за купување е-автомобили. Другите придобивки од електричните автомобили, како што е бесплатното паркирање во многу градови, во меѓувреме се откажани.
Сепак, и покрај драстичниот пад на моторите со внатрешно согорување кај новите регистрации, дизел и бензинските мотори продолжуваат да доминираат во Норвешка и ќе продолжат да го прават тоа во следните неколку години. Седум од осум автомобили купени во Норвешка се половни автомобили. Од 357.176 промени во сопственоста во првите осум месеци годинава, само дванаесет проценти се електрични автомобили.