Средствата од продажбата, Јапонците ќе ги инвестираат во нови системи за електрификација

Nissan ги продаде своите акции во Daimler и заработи 1,149 милијарди евра. Станува збор за 1,54 проценти од хартиите од вредност на германскиот концерн, кои беа пуштени на пазарот последните денови.

Приходите од продажбата ќе му овозможат на Nissan да ја зголеми и подобри својата конкурентност, а парите ќе бидат инвестирани главно во електрификација. Компанијата објави дека индустриското партнерство со Daimler останува непроменето и продажбата нема да има влијание, бидејќи двата производители ќе продолжат да работат на различни проекти.

Всушност, Nissan го стори истото што и неговиот партнер Renault пред само неколку месеци. Француската групација продаде акции на Daimler во вредност од 1,143 милијарди евра, кои беа искористени за намалување на сериозните загуби акумулирани во 2020 година поради пандемијата со корона вирус.

И покрај уверувањата од јапонската компанија, веќе се раѓаат многу сомнежи во врска со идната соработка на оската Германија-Јапонија. Се верува дека Daimler ќе ги раскине сите проекти и со Nissan и со Renault. Доказ за тоа е дека новата генерација на интелигентни системи за поврзување на електрични возила не беше развиена со Renault, туку со кинескиот Geely, кој, патем, е акционер во германскиот концерн.