Nissan и Toyota му се закануваат на Борис Џонсон
Ако се воведат тарифи кон ЕУ, Јапонците ќе инсистираат државата да ги покрива
Јапонските компании Toyota и Nissan ќе бараат целосна компензација од британската влада за какви било давачки и даноци што можат да бидат наметнати како резултат на Брегзит, објави Никеи, повикувајќи се на добро упатени извори. Доколку не добијат гаранции дека британската држава ќе ги покрие предметните тарифи, двата гиганти се закануваат дека ќе го напуштат Обединетото Кралство.
Загриженоста на производителите на автомобили доаѓа од намалените шанси за склучување трговски договор меѓу Велика Британија и Европската унија. Неколку спорни точки во разговорите во моментот изгледаат нерешливи, а премиерот Џонсон неодамна коментираше дека не би сакал земјата да ја напушти заедницата без валиден трговски договор, но доколку е потребно, „Велика Британија може да живее и така“.
Двата јапонски гиганти имаат значително присуство во Велика Британија како производствени бази. Во фабриката на Toyota во Бурнастон се произведува европската верзија на Corolla, a фабриката на Nissan во Сандерленд е најголема не само за јапонската компанија, туку и за британската индустрија воопшто, со капацитет од над 500.000 автомобили годишно. Главно производството е концентрирано на моделот Qashqai.
Уште еден јапонски гигант има фабрика на Островот – Honda, која во Свиндон го составува Civic. За разлика од Toyota и Nissan, Honda уште во 2018 година објави дека ќе ја затвори фабриката следната година.