„Никој повеќе не сака такви автомобили“! По VW Passat, уште една германска лимузина заминува во пензија
Opel потврди дека има намера до 2028 година да стане целосно електричен бренд, а Insignia не се вклопува во тие планови
Opel Insignia оди во привремена пензија. Последниот актуелен модел на Opel, кој сè развиваше додека германската компанија беше членка на GM, требаше да опстане на пазарот до 2024 година, но во Stellantis не мислат така и моделот предвремено ќе замине во пензија, поради оперативни причини. Ова го остава Opel без најголемиот и најпрестижен модел во гамата.
Една од главните причини за предвременото пензионирање на Insignia е фактот што автомобилот се заснова на стара платформа која не предвидува или дозволува сериозна електрификација, особено не во целосно електричен модел.
Opel потврди дека има намера до 2028 година да стане целосно електричен бренд, а Insignia не се вклопува во тие планови. Со укинувањето на овој модел, Opel го ослободува производствениот капацитет во својата фабрика во Риселсхајм, каде што се произведуваат Opel Astra, Astra Sports Tourer и DS4. Од компанијата тврдат дека прекинот на производството на Insignia ќе го зголеми производствениот капацитет на новата Astra.
Opel најави дека Insignia ќе биде заменета со нов модел, но не е прецизирано кога тоа ќе се случи. Се претпоставува дека наследникот нема да пристигне пред 2024 година и нема да има многу допирни точки со се уште актуелната Insignia. Тоа треба да биде целосно електричен SUV или кросовер концепт автомобил, што значи дека на 70-годишната ера на Opel Rekord, Vectra и Insignia и дојде крајот.