Несакани ефекти од електрификацијата: „Оној што вози денес Corsa, утре ќе заврши во автобус“
„Мислам дека никогаш нема да видиме конкурентен електричен автомобил по цена од 20.000 евра“.
Ако по некоја случајност мислевте дека Европа има јасна визија за тоа како ќе изгледа иднината на транспортот на Стариот континент – многу се лажете.
Сета неспособност и талкање на европските бирократи беше откриена минатиот петок кога во Европскиот парламент „ставија вето“ на сопствената одлука за забрана на продажба на нови автомобили на бензин и дизел од 2035 година.
Во морето негативни критики за забраната за мотори со внатрешно согорување, свој куршум „испали“ и поранешниот шеф на Volkswagen во Германија, Јенс Андерсен, кој има докторат на тема електрични автомобили.
Во изјава за Business Insider, тој посочува дека преминувањето на струја ќе предизвика огромни проблеми, особено за просечните корисници.
„Проблемот не се премиум брендовите како Mercedes и Audi, тие ќе имаат свои клиенти благодарение на скапата, но конкурентна технологија која им носи профитабилност.
Проблем се поевтините, подостапни автомобили.
За жал, мислам дека никогаш нема да видиме конкурентен електричен автомобил со прифатлив опсег по цена од 20.000 евра. Оние кои денеска возат, на пример, Opel Corsa, утре ќе бидат осудени на јавен превоз“ – вели Андерсен.
Тој исто така тврди дека во моментов ниту еден европски производител на електрични автомобили не може да им конкурира на Tesla и Toyota, а особено на моделите од Кина.
„Ерата на достапни автомобили во Европа заврши затоа што едноставно немаме технологија за масовно производство на електрични автомобили со пристапни цени. Новата европска стратегија е „да се продава помалку, но поскапо“.
„Што се однесува до Volkswagen, мислам дека единственото решение е тие едноставно да ја купат Tesla“, заклучува поранешниот шеф на германската марка, кој сега е советник на консултантската компанија Strategy Expert Group.