Електричната верзија постепено станува главна во гамата на моделот

Само еден ден по премиерата на новиот Peugeot 308 стана јасно дека францускиот производител нема да понуди спортска верзија на моделот. Модификацијата GTI се очекуваше да биде заменета со 308 Sport Engineered со хибриден погон, но таква воопшто не е планирана, вели за Top Gear менаџерот за производи на брендот, Жером Мишерон.

„Ако го погледнете пазарот за спортски верзии во Европа, тој целосно пропадна заради новата регулатива за штетни емисии на СО2“, објаснува Мишерон.

Досега се сметаше дека Peugeot ќе понуди „hot hatch“ 308, во plug-in хибридна верзија (PHEV) со погон на четири тркала. Според менаџерот, сепак „компанијата не гледа пазар за ваков модел“. Затоа, хибридната погонска верзија со 225 КС ќе остане на врвот од понудата за моделот.

На премиерата на новиот Peugeot 308 беше објавено дека моделот ќе добие електрична верзија, но засега нема повеќе информации на таа тема, освен дека, според Мишерон, таа ќе игра голема улога во „новата патна карта на Peugeot“. Ова е причината зошто новата генерација на хечбекот е изградена на платформата EMP, која дава поголема слобода во однос на дизајнот, технологијата и електрификацијата.