Неколку европски градови покажуваат како да се подобри концептот на чиста мобилност
И покрај штетната емисија од патничките автомобили, многу германски градови се двоумат дали да ја забранат употребата на дизел возила во своите средини. Сепак, пет европски метрополи размислуваат и за некои други начини за решавање на овој проблем
Притисокот врз многу локални власти во Германија се повеќе расте, особено знаејќи дека степенот на загадување на воздухот во многу области е значително над пропишаните вредности. Дури и судството повикува на развој на нови концепциски решенија кои ќе овозможат почист воздух во многу градови.
Забраната за употреба на дизел возила е сеуште табу тема во многу средини, па секоја идеја што може да придонесе за промена на моменталната ситуација е многу добредојдена. Денес, пет германски „градови за пример“ воведуваат мерки што ќе им олеснат на возачите да донесат одлука да се откажат од возењето низ град – Бон, Есен, Херенберг, Манхајм и Рејтинген
Во февруари, германската влада до Европската комисија ги номинираше локалните „градови за пример“ во смисла на чист воздух, а од лидерите на овие локални власти е побарано да ги формализираат конкретните предлози и да ги спроведат до 2020 година. Сите пет градови ги поднеле своите предлози за проекти во текот на изминатите месеци, и тие се однесуваат на подобро искористување на јавниот транспорт, експанзија на автобусите и возовите, па се до подобрување на сегашното управување со сообраќајот.
На крајот на јуни, првите луѓе на двете германски министерства објавија дека овие градови ќе добијат околу 130 милиони евра до 2020 година од државниот буџет.
Сепак, некои други градови, надвор од Германија, веќе спроведуваат креативни транспортни решенија за кои се надеваат дека ќе им обезбедат на граѓаните нови алтернативи за мобилност.
Талин – бесплатен градски превоз
Естонскиот главен град се смета за пионер на бесплатниот превоз внатре во градот. Во 2013 година, градската администрација воведе бесплатен градски превоз со автобус и воз. Во Талин, има 450.000 луѓе, а за да се искористи бесплатниот градски превоз, неопходно е на влез да се завери картичка која содржи чип.
Како резултат на спроведувањето на оваа стратегија, градоначалникот на Талин, Тави Ас, наведува дека бројот на патници во градскиот превоз е зголемен за 10%. Трошоците настанати како резултат на бесплатниот превоз се враќаат од даноци платени од граѓаните на државата.
Единаесет од вкупно петнаесет естонски региони го прифатиле овој концепт на мобилност.
Вилнус – една апликација за се
Нова компанија на граѓаните на Литванската престолнина им понудила апликација нареченаTrafi за да го подобри концептот на мобилност. Сега, во реално време, граѓаните имаат на располагање информации за достапни средства за урбан транспорт. Покрај тоа, преку апликацијата тие можат да го резервираат своето место во транспортните средства, како и да направат електронско плаќање.
Не само што граѓаните имаат корист од апликацијата, туку таа претставува значајна алатка за градската администрација преку која се обезбедуваат корисни податоци кои служат за понатамошно подобрување на транспортната мрежа на градот.
Апликацијата обезбедува увид во мапата на градот и линиите на градскиот транспорт со означени места за застанување и задржување. Исто така, преку апликацијата, можно е да се најдат локации за слободни бесплатни велосипеди и возила за изнајмување (car sharing concept). Достапни се информации и за градските гужви, локации каде што се реконструираат патиштата и слични придружни содржини кои вклучуваат временски услови на различни места во градот.
Вилнус има 540.000 жители, а апликацијата ја користат околу 100.000 жители на главниот град на Литванија.
Виена – билет од 365 евра
Градската администрација во Виена со воспоставување на голем број еднонасочни улици и екстремно скапи места за паркирање, напорно работи за да ја обесхрабри употребата на приватни автомобили за движење низ градот. Затоа, од друга страна, државата годишно пренесува околу 500 милиони евра како поддршка на јавните градски транспортери, што е околу 40% од вкупните трошоци за организирање на јавниот транспорт.
Како резултат на спроведувањето на оваа стратегија, дури 760.000 луѓе имаат годишен билет за целиот јавен превоз во градот по цена од 365 евра. Бројот на луѓе кои купиле годишен билет го надминува бројот на регистрирани возила на територијата на австриската престолнина.
Бројни германски градови покажале интерес за спроведување на стратегија слична на Виена. Сепак, еден од нив, Хановер, брзо се откажа и таму билетите за градскиот превоз сѐ уште се скапи.
Париз – акцент на трамваите
Париз, дури и пред Втората светска војна, го напуштил трамвајот како форма на градски превоз. Сепак, трамваите се вратија во главниот град на Франција. Имено, на почетокот на 1990-тите, политичарите од Париз, како и бројни други самоуправи, низ цела Франција, одлучиле повторно да го отворат концептот за транспорт во урбана средина, базиран на употребата на трамваи.
Во текот на само еден ден во Париз, околу еден милион луѓе користат трамвај, а трамвајски шини поставени во главниот град на Франција се во должина од 100 километри, со многу нови, во изградба или се уште во фаза на планирање.
Германија значително помалку се потпира на транспортот на трамвај. Светол пример е источен Берлин во кој се градат нови линии, но тоа не е ни приближно блиску сопредбено со Париз. Западниот дел на Берлин, како и Хамбург, целосно се откажаа од трамвајот.
Тулуз – кабелски транспорт
Четвртиот по големина град во Франција градскиот сообраќаен тек „го преместува во воздухот“. Имено, универзитетската и болничката област ќе бидат поврзани преку овој вид на транспорт со остатокот од градот.
Новоизградената гондола е дизајнирана да пренесува до 1.500 луѓе на час, со отпорност на ветровите што достигнуваат до 108 километри на час. Во првите три километри од трасата, капсулите ќе се движат во интервали од 90 секунди.
Овој вид на транспорт е сè пораспространет ширум светот. Се смета за тивок, чист и евтин начин на транспорт кој лесно се гради. Анкара, Меделин и Хонг Конг, исто така, се потпираат на системот на гондола во нивниот градски превоз. Проектот бил понуден и на граѓаните на Хамбург, но на референдум, предлогот доживеа дебакл.
Копенхаген – спас во велосипедите
Велосипедскиот главен град на западниот свет на денешницата е главниот град на Данска. Уделот на велосипедистите во градскиот јавен превоз изнесува дури 30%. Ова сигурно дека не е постигнато преку ноќ преку ноќ. Градските челници работат на стимулирање за употреба на овој вид еколошки превозни средства работат уште од осумдесеттите години од минатиот век.
Просторот наменет за движење на автомобили и други моторни возила е во неверојатно опаѓање, но бројот на патеки и правци за движење на велосоипеди постојано се зголемува. Велосипедските патеки, кои се структурно одвоени од патиштата за моторни возила, го поврзуваат центарот на градот со предградијата. Вкупната должина на велосипедските патеки достигнува 15 километри од централното јадро на Копенхаген.
Лондон – електрични автобуси и такси за влез во центарот
Британскиот главен град е најконзистентен во форсирањето на возила што користат алтернативни погонски состави. Од вкупно 10.000 градски автобуси, 30% од нив користат хибридна технологија. Чисто електрични се 73 автобуси, додека 10 примероци припаѓаат на сегментот FCEV. Еден од снабдувачите на јавното транспортно претпријатие во Лондон е кинескиот BYD, кој неодамна излезе во јавност со тврдење дека сите постоечки дизел возила може да бидат модернизирани со инсталирање на електрифицирани погонски состави.
Со цел одбрана од загадување на воздухот, почнувајќи од 2003 година, властите на Лондон имаат воведено такса од 11,50 фунти, што секој возач мора да ја плати, ако сака со возило да влезе во централната градска зона во текот на работната недела. Исклучоци се само возилата чии емисии на јаглероден диоксид се пониски од 75 g / km.
Стокхолм се обидува да го ископира овој концепт, додека германските законодавци стравуваат од бунт на возачите ако спроведат слична идеја. Треба да се додаде дека Берлин и Хамбург неодамна потпишаа договори за големи набавки на дизел автобуси.