Десетици научници специјализирани за вештачка интелигенција и роботика се обидуваат да ја спречат „трката за вооружување која никој не сака да стане реалност“ – производство на „роботи убијци“

Според пишувањето на Гардиан, токму ова може да произлезе од соработката на Корејскиот напреден институт за наука и технологија (Korea Advanced Institute of Science and Technology – KAIST) и производителот на оружје Hanwha Systems.

Имено, според претходно објавени информации, целта на истражувачкиот центар е развој на технологија базирана на вештачка интелигенција која ќе може да се примени во военото наоружување – такво оружје би требало да бара и да елиминира цели без човечка контрола.

На опасноста од вештачка интелигенција која сама ќе носи такви одлуки, научниците предупредуваат долго врене – ако некогаш вештачката интелигенција го преземе вооружувањето и самата почне да одлучува за метите на нападот, тогаш на човечкиот род не му се пишува добро. Досега, научниците имаат потпишано многу петиции во кои се бара за забрана за развој и истражување на таква технологија, која во најцрното сценарио. би можела да му пресуди на човештвото.

Едно такво протестно писмо е потпишано од повеќе од 50 истакнати академици од целиот свет.

„Нема да го посетуваме KAIST, нема да угостиме никого од KAIST, ниту пак ќе дадеме било каков придонес во истражување во кое е вклучен KAIST, се додека институтот не каже дека нема да „развива автономно оружје лишено од значајна човечка контрола“, се наведува во писмото.

Научниците додаваат дека одлуката на Универзитетот е разочарувачка, осебно ако се земе во предвид дека Обединетите нации следната недела планираат да одржат состанок токму по прашањето на автономното оружје.

Веста за соработката е објавена во февруари во статија од страна на изданието Кореја Тајмс.

„Едем високо угледен институт ги обединува силите со еден прилично етички сомнителен партнер“, вели извесен професор, Тоби Валш.

Валш притоа додава дека напишал писмо до KAIST во потрага по подетални објаснувања, но дека не добил одговор.

И покрај тоа што директорот на KAIST, Сунг Чул Шин, се обидува да ја смири тензијата со тврдење дека универзитетот „нема да се вклучи во активности кои се спротивни на човековото достоинство“, Валш вели дека универзитетот се уште не дал одговор на многу прашања.