Наскоро во првите автомобили: првиот систем кој спречува аквапланинг!
Системот може да се прилагоди да биде подеднакво ефикасен против други фактори кои го загрозуваат правилното држење на тркалата, како мраз, снег, чакал…
Компаниите Easyrain, Bosch и Italdesign со години соработуваат во развојот на иновативен систем за спречување на појавата аквапланинг. Ова е опасна ситуација во сообраќајот кога возилото на патот ќе наиде на вода која гумите не можат да ја истиснат, а потоа доаѓа до лизгање. Новиот систем, сега веќе во финална верзија, се вика Easyrain, а беше претставен на овогодинешното издание на саемот за потрошувачка електроника во Лас Вегас (CES 2023). Тоа е систем кој треба да ја намали опасноста од аквапланинг и веќе е подготвен да се вградува како ново помагало при возење кај некои модели на Audi. Easyrain работи преку компјутерска програма наречена Aquaplaning Intelligent Solution (AIS). Системот ги активира пумпите и водениот млаз пред гумите и помага да се разбие вишокот течност што го покрива патот за да се спречи лизгање, односно тркалата да минуваат преку површина со помалку вода.
Системот може да се прилагоди за да биде подеднакво ефикасен и против други фактори кои го загрозуваат правилното држење на тркалата, како што се мраз, снег, чакал… AIS може да се прилагоди да работи во сите типови на автомобили и со какви било гуми, без оглед на нивната истрошеност. Поради оваа причина, тој многу брзо би можел да биде инсталиран како нова безбедносна опрема не само во Audi туку и во модели од која било друга марка.