Наскоро нов компактен модел од Tesla
Според пишувањето на неколку странски стручни портали новиот модел на Tesla е „готова работа“ и набрзо јавноста ќе биде детално запознаена
Според некои, овој електричен автомобил може да биде претставен веќе следната година, додека други известуваат дека најверојатно неговата промоција ќе се случи за три до четири години. Во секој случај, медиумите веќе го „крстија“ претстојното возило со името Model 2, што е донекаде сосема логично ако се знае дека моделот во гамата на производителот ќе се позиционира под Model 3.
Сепак, тука не станува збор за димензиите на автомобилот, иако тоа е исто така многу важно за некои пазари, туку за цената. Најавената цена за идниот компакт е 25.000 американски долари. Илон Маск минатата година потврди дека ваков модел навистина се разгледува, но покрај потенцијалната цена, тој исто така најави дека ќе има автономија поголема од 320 kilometri. Милјардерот тогаш рече дека ќе бидат потребни околу три години за целосно развивање на нов модел со компактни димензии, што би било приближно во согласност со најавите на одредени медиуми дека Model 2 на пазарот може да стигне до 2023/2024 година.
Можно е развојот на оваа новина да биде отстапен на новиот центар за развој што Tesla го формира во Шангај. Се вели дека целото производство на потенцијалниот Model 2 треба да се одвива во Кина, а потоа да се испраќа во другите делови на светот. Tesla веќе прави вакво нешто со Model 3 и Model Y, кои се испраќаат од Кина во Европа, сè додека фабриката близу Берлин не започне со работа.
Model 3 во моментов е најпристапниот автомобил на Tesla, но секако не може да се каже дека станува збор и за евтино возило. Но, и покрај тоа, овој модел беше убедливо најпродаван електричен автомобил на глобално ниво во претходната година, со вкупно испорачани 365.240 примероци! Сепак, поевтин автомобил сигурно би поминал подобро на пазарите во развој, дури и во самата Кина, каде што продажбата на електрични автомобили е во пораст.