Најпродаваниот производ на VW сè уште е „неговото величество колбас“
Дури има и сериски број
Дали знаевте кој е најпродаваниот производ на Volkswagen? Некои би рекле дека станува збор за Golf, во некое друго време популарната „буба“, па сепак, најпродаваниот артикл на германската марка воопшто не е автомобил, туку колбас.
Од седумдесетите години на минатиот век, VW ги произведува познатите Currywurst кобасици во фабриката во Волфсбург. Се разбира, нив најмногу ги трошат вработените, но голем дел од нив и се продава надвор од фабричките мензи.
Минатата година, Volkswagen произвел 6,2 милиони автомобили во фабриките низ целиот свет (а поседува повеќе од 50). Во меѓувреме, фабриката за колбаси во Волфсбург испорачала осум милиони парчиња од овој прехрамбен артикл.
Прашањето е, зошто еден од најголемите производители на автомобили на планетата произведува и производи од месо? Додека VW произведува храна за своите вработени во фабриката уште од триесетите години, во 1973 година било решено дека ќе биде поефикасно да се произведуваат колбаси кои работниците ќе ги јадат на лице место.
Успехот на овој производ, кој го конзумираат десетици илјади вработени во VW, довел до идеја дека може и да се продава, па дури и да се извезува.
Со овој необичен дел од бизнисот на Volkswagen неодамна го занимавак и Ричард Хамонд, во новата серија на Discovery, Richard Hammond’s Big. Во дел од шоуто, Хамонд се приклучува на производствениот процес, правејќи споредби помеѓу производството на колбаси и производството на автомобили.
Она што е интересно е дека колбасот на VW може да се најде во директориумот со компоненти, така што додека барате замена за дел, може да го забележите и серискиот број 199 398 500…