Најопасните „асистенти“ во автомобилите
На прво место е системот Tesla Autopilot, се вели во едно истражување спроведено во САД
Експертите од Американскиот институт за безбедност на патиштата (IIHS) спровеле анализа на најчестите системи за асистенција на возачот. Експертите установиле дека не сите корисници се свесни за нивната намена, а и самите производители често не даваат целосна информација и упатство за нивните електронски асистенти.
Транспортната инженерска организација (SAE International) автономното управување го класифицира во 6 нивоа – од целосно мануелен режим (нула ниво) до целосно автоматско управување (автопилот од петто ниво), кога возачот воопшто не учествува во управувањето на возилото.
Во моментов на пазарот се достапни автомобили со асистенција од прво и второ ниво. Пред се, станува збор за функциите автоматско одржување во сообраќајната лента и притоа одржување на потребната брзина и растојание од автомобилот напред, како и автоматско сопирање во случај да е тоа потребно. Возачот притоа се уште е должен да ги држи рацете на воланот и да биде подготвен да ја преземе контролата во секое време.
Во исто време, имињата на некои системи се доста збунувачки. IIHS истражувал вкупно 5 помошни системи: Autopilot (Tesla Motors), Traffic Jam Assist (Audi и Acura), Super Cruise (Cadillac), Driving Assistant Plus (BMW) и ProPilot Assist (Nissan).
Автопилотот на Tesla според експертите од IIHS е најопасниот – пред сè, бидејќи неговата самостојност предизвикува конфузија. 48% од анкетираните сопственици на автомобили изјавиле дека целосно ја пренесуваат контролата над автомобилот на автопилотот и се занимаваат со други работи (наспроти 33% во просек кај другите системи). Според 6% од испитаниците, тие може дури и да „дремнат“ за време на возењето (во споредба со 3% во просек за другите системи). Всушност, асистентот на Tesla бара возачот да ги држи рацете на воланот и да не се деконцентрира за време на возењето, бидејќи системот не може да се нарече целосен автопилот и возачот треба да биде подготвен во секое време да ја преземе контролата над управувањето.
Во исто време само 27% од испитаниците знаат дека системот Super Cruise во автомобилите на Cadillac овозможува возачот да ги тргне рацете од воланот за време на возењето. Според компанијата, оваа функција овозможува на автомобилите од марката да пропатуваат над 209.000 километри по американски и канадски патишта без вмешаност на возачот.
Во заклучокот, експертите од IIHS идентификуваат два главни фактори на кои производителите на автомобили треба да посветат поголемо внимание. Прво, постојат системи кои со нивните имиња формираат погрешни очекувања. Второ, на возачите треба да им се помогне да научат како да ги користат различните електронски асистенти.