Facebook најави дека во Европа ќе отвори три нови центри за дигитално описменување на граѓаните, а овој потег наиде на незадоволство во ЕУ, како резултат на напорите на технолошките гиганти да ги намалат даночните обврски

Центрите ќе бидат отворени во Шпанија, Полска и Италија, а Facebook најави и 10 милиони евра инвестиции во Франција преку тамошниот центар за вештачка интелигенција. Facebook веќе има отворено слични центри во земји како Нигерија и Бразил.

„Луѓето се плашат дека дигиталната револуција ќе ги прегази, па затоа сакаме да инвестираме во дигитално описменување за да овозможиме стекнување со дигитални вештини потребни за учество во дигиталната економија“, вели за Reuters комерцијалниот директор на Facebook, Шерил Сандберг.

Центрите ќе нудат курсеви за дигитално и медиумско описменување и интернет-безбедност за групи со ограничен пристап до технологии, вклучувајќи ги старите лица, младите и бегалците.

Facebook планира да обучи милион граѓани и сопственици на компании до 2020 година, заедно со класични курсеви за 100.000 мали и средни претпријатија, како и интернет курсеви за 250.000 компании.

“Ние апсолутно сакаме да им покажеме на луѓето дека инвестираме на локално ниво, инвестираме во технологија, инвестираме во луѓето“, вели Сандберг.

Најавата е предмет на дискусија во Европската унија во врска со предлозите за зголемено оданочување на мултинационалните технолошки компании и жалбите на група големи земји дека компании како Amazon, Google, Apple и Facebook се обидуваат да ја намалат својата даночна обврска со пренасочување на добивката во земји како што се Луксембург и Ирска.

Помалите членки како што се Малта и Луксембург, порачуваат дека издвоената иницијатива на ЕУ во областа на даночната реформа ќе ја оштети нивната надмоќ и оди во корист на конкуренцијата.

Европскиот парламент објави дека земјите на ЕУ во периодот 2013-2015 година изгубиле околу 5,4 милијарди евра даночни приходи поради поволни даночни договори со Google и Facebook.

Од Европската комисија порачуваат дека граѓаните мора да ги подобрат своите дигитални вештини со цел да се намали невработеноста и Европа да создаде свој дигитален гигант.