Според најновото истражување на пазарот од страна на Асоцијацијата за специјална опрема на пазарот (SEMA), една третина од сопствениците на возила на возраст од 16-24 години инвестираат во некоја форма на уредување на својот автомобил

Студијата тврди дека сопствениците од оваа возрасна група само во текот на 2017 година потрошиле дури 6,2 милијарди долари за подобрување и менување на нивните возила.

Понатамошните истражувања покажуваат дека дури 58 отсто од нив попрво би се откажале од телефонот седум дена, отколку од нивниот автомобил.

Иако бројот на млади полнолетни луѓе со возачка дозвола се намали од 77% во 1998 година на 68% во сегашно време, младите возачи се уште се меѓу најзастапените кога станува збор за модификација на возилото.

Логично, нивната инвестиција во модификација на автомобилите расте со текот на годините, имајќи предвид дека имаат повеќе пари да трошат. Врвот е во 23-та година, кога 32% од луѓето на оваа возраст го модифицираат својот автомобил, додека 82% од нив имаат возачка дозвола.

Повеќето од нив годишно трошат 90-435 евра за модификација на автомобилот. Околу 68% од нив се мажи, а 32% се жени.

Повеќето сопственици на автомобили на возраст од 16-24 години инвестираат во нови фелни и гуми, потоа на надворешни промени, и „хемиски“ подобрувања (адитиви, специјални масла и др.) Потоа следи внатрешната декорација на автомобилот и промена на светлосните системи.

Популарно помеѓу поединечните модификации на возилото е затемнување на стаклата, патосници, гуми за сите сезони, нови педали, климатизација …

Најзастапени возила кои се модифицираат секако се спортските автомобили, но исто така и малите градски автомобили и камионети.

Огромното мнозинство од оние кои инвестираат во модификации нагласуваат дека тоа го прават затоа што мислат дека нивниот автомобил ќе изгледа подобро. Тие исто така веруваат дека другите луѓе ќе мислат дека тоа што го направиле е одлично, иако 22% сметаат дека на другите веројатно тоа и не им е важно.

Огромна улога во овој сегмент на автомобилската индустрија игра интернетот, бидејќи 32% од сопствениците на автомобили инспирацијата ја наоѓаат онлајн, а 17% од нив, особено на социјалните мрежи.

Присутни се и старите начини за инспирација – 15% од ТВ емисиии, а само 10% од списанија, исто колку и од филмови.