Најдобрите автомобилски ентериери за 2018 година – Wards Auto Top 10
Традиционално, Wards Auto ја креираше овогодинешна листа на 10 најдобри автомобилски ентериери
Во игра биле вкупно 40 модели, од кои некои сосема нови, додека други значително подобрени за 2018 година. На крајот, само десет влегле во финалната листа.
Уредниците на публикацијата во своето објаснување за листата велат дека автомобилските производители сè повеќе гравитираат кон концептуални решенија, давајќи им предност пред „мејнстрим“ решенијата. Овогодинешните победници се од различни категории, од достапниот Hyundai Kona до моќната Porsche Panamera, со ценовен опсег од 29.775 до 201.540 долари.
Она што секако е изненадувачки е тоа што црвената е една од најпопуларните бои за ентериер, бидејќи дури пет модели на листата ја користеле оваа боја за седиштата или панелите на вратата, или како главна боја односно боја за акцентирање на некои делови.
Во продолжение најдобрите десет по азбучен редослед:
Chevrolet Equinox (36.375 долари)
Wards Auto ја фали стилската експресивност и квалитет на дизајнот на ентериерот на новиот Equinox, шестиот Chevrolet, награден од оваа публикација. Меките, премиум материјали, „извонредниот“ инфо-забавен систем и изненадувањата во форма на вентилација и загревање на задните седишта и управувачот, придонеле овој модел високо да котира.
Hyundai Kona (29.775 долари)
И покрај релативно ниската цена, Kona не е ефтина кога станува збор за внатрешноста. Додека црната боја за внатрешноста е доминантна во овој сегмент, јужнокорејскиот кросовер ги поместува границите со „неон зелени“ завршетоци. Ова им се допаднало на уредниците.
Infiniti QX50 (58.195 долари)
Новиот QX50 е пофален дека е многу близу до концептните автомобили во однос на дизајнот. Внатрешноста на овој модел е во исто време „жива, релаксирачка и инспиративна“. Прекрасната текстура, необичната комбинација на бои и висококвалитетни материјали го прават јапонскиот премиум CUV еден од најдобрите ентериери на четири тркала.
Kia Stinger (48.350 долари)
Новиот модел предводник во гамата на Kia, Stinger, на јужнокорејскиот производител му го носи петтиот трофеј во рамките на изборот Wards 10 Best Interiors. Спортско-луксузната атмосфера во салонот се карактеризира со многу добра завршна обработка.
Lexus LS 500 (89.780 долари)
Облечен во „спектакуларна комбинација на бои“, ентериерот на LS 500 е четврта награда за Lexus во рамките на изборот. Според уредниците слаби точки нема, така да сè е извонредно, од „небото“ до подот.
Lincoln Navigator (96.570 долари)
Уште едen луксузен примерок од американско потекло. Внатрешноста на Navigator предизвикува восхит, според уредниците. Просторот во салонот не само што е убав, туку е исклучително функционален со електро регулирани наслони на седиштата во вториот и третиот ред, а возачкото седиште може да се прилагоди во дури 30 правци.
Porsche Panamera (201.540 долари)
Најскапиот модел на листата, Porsche Panamera Turbo S E-Hybrid. Извонредниот избор на квалитетни материјали, површини пријатни на допир, но и одличниот дизајн (ревидирана и редизајнирана централна конзола) ја прават внатрешноста на Panamera исклучително пожелна.
Ram 1500 (65.945 долари)
Внатрешноста на добро познатиот 4×4 камионет во Limited пакетот на опрема се одликува со внимание на секој детал, како и прекрасна комбинација на бои. Исто така, една од доминантните работи е големиот, вертикален, 12-инчен екран, кој, освен што е атрактивен, е исклучително функционален.
Range Rover Velar (91.830 долари)
Ова е третиот најскап модел на овогодинешната листа. Удобност, завршна обработка, дизајн … сè е во совршена рамнотежа од аспект на луксузот, спортски изглед и високотехнолошките аспекти. Вистински модерен „аристократски“ амбиент и дефинитивно еден од најдобрите ентериери за 2018 година.
Toyota Camry (39.253 долари)
Доказ дека еден типичен „мејнстрим“ производ може да се најде меѓу најдобрите. Адутите доаѓаат во оригинална комбинација на бои со црвена кожа и црни и сребрени акценти. Исто така, централната конзола отстапува од актуелните конфекциски начела.