Ferrari со јавноста сподели податоци за наредната своја премиера 

Премиерата е закажана за 5-ти мај, а станува збор за специјална верзија на суперавтомобилот Ferrari 812 Superfast, која моторот го носи напред.

Обемот на модификации на основниот модел е доста сериозен, па затоа Италијанците на новината ќе и дадат и посебно име. Сега за сега можеме да уживаме во првите официјални фотографии, а познати се и некои детали.

Така на пример, атмосферскиот V12 мотор со зафатнина од 6,5 литри добил дополнителни 30 “коњи (вкупно 830 КС), на кои возачот може да смета при 9.500 вртежи во минута.

За да добие зголемена моќност, моторот е делумно редизајниран, а со тоа системот за издувни гасови и бројни други компоненти дополнително прилагодени. Целосно управливата шасија е унапредена, а најавен е и систем кој самостојно ја контролира ротацијата на секое тркало! Електронската контрола на пролизгување (Side Slip Control – SSC) е надградена до верзија 7.0, додека основното купе Superfast се потпира на петтата генерација.

Инженерите доста работеле и на аеродинамичките параметри. Автомобилот не само што е модифициран со уникатни додатоци на каросеријата, туку и многу надворешни панели на каросеријата се модифицирани. Пластичниот уметок засилен со јаглеродни влакна (CFPR) е поставен на хаубата и тоа попречно, додека наместо задно стакло, сега се инсталирани некои алуминиумски решетки, на кои се прикачени специјални влошки за оптимизирање на протокот на воздух.

CFPR обемно е користен и како материјал за завршна обработка на кабината, со крајна цел да се заштеди на тежината на возилото. Во секој случај, според грдиот обичај на автомобилската индустрија, податоците ги добиваме во мали количини, а остатокот од информациите, веројатно повторно делумно, ќе ги слушнеме во одреден момент поблиску до премиерата на новитетот.