Над 50 компании ги сакаат патентите на Toyota
Јапонците ќе испорачуваат компоненти за хибридни системи и на други марки
За хибридните технологии на Toyota кои компанијата најави дека ќе ги сподели и со други марки, има сериозен интерес. Според шефот на одделот за електрични автомобили на Toyota, над 50 компании побарале пристап до патентите за кои Јапонците најавија дека бесплатно ќе ги споделат, а станува збор за патенти за електромоторите и електронските блокови кои управуваат со работата на електричните и хибридните автомобили .
Шефовите на Toyota планираат и проширување на партнерството со различни компании во производството на компоненти за хибриди и електрични возила, за да може трошоците да се намалат на половина, политика која ќе влијае на производството во САД, Кина и Јапонија.
„Сакаме да доставуваме компоненти за хибридни системи на компании кои сакаат да ги користат“, додава извршниот потпретседател на Toyota, Шигеки Тераши во разговор за агенцијата Reuters.
Според него, испораката на компоненти за хибридни системи за други компании ќе го зголеми производството на електромотори и контролни блокови за нив.
Минатата недела Toyota објави дека ќе обезбеди бесплатен пристап до речиси 24.000 свои патенти за технологии, наменети за електрифицирани возила.
Тераши потврдува дека во Toyota очекуваат скок во побарувачката на електрични автомобили на глобално ниво, бидејќи ограничувањата на емисиите стануваат се посериозни, а заедничката работа со Јапонците ќе спаси многу трошоци на другите компании во однос на трошоците за развој на технологијата за хибриди и електрични возила.
Зацртаната цел на Toyota е до 2030 година продажбата на електрифицирани возила на компанијата да достигне 5,5 милиони примероци (во моментов 1,6 милиони годишно). Сепак, потпретседателот на Toyota очекува дека оваа 5,5 милионска цел може да биде достигната уште во 2025 година.