Возачот на Yamaha, Фабио Квартараро, утрешната трка за Големата награда на Португалија, трета во календарот на MotoGP шампионатот ќе ја започне од првата позиција

Квартараро го имаше најбрзиот круг во историјата на патеката Алгарве од 1:38.862 секунди, овој пат за 11-та пол-позиција во кариерата во „кралската класа“. 

Овој резултат Квартараро го имаше скоро до самиот крај, кога на сцената стапи Франческо Бањаја кој извозе фантастичен круг. Сепак, времето на Бањаја беше поништено затоа што тој го постави кога имаше жолто знаме на патеката поради излетувањето на Оливеира. На крајот, возачот на Ducati, квалификациите ги заврши само на 11-та позиција. Се очекува Ducati да се жали на оваа одлука.

Маверик Вињалес исто така немаше среќа. Шпанецот имаше двa фантастични круга, кои исто така беа поништени поради жолто знаме на патеката, па тој утрешната трка ќе ја започне дури од 12-та позиција.

На второто стартно место се најде Алекс Ринс (1:38.951), а на трето Жоан Зарко (1: 38.991), кој успеа да се опорави од падот на почетокот од Q2.

Во вториот стартен ред ќе се најдат Џек Милер, Франко Морбидели и Марк Маркез, кој очигледно имаше проблеми со раката.

По нив ќе следат Алеш Еспаргаро, Лука Марини и Жоан Марини, Мигел Оливеира, Франческо Бањаја и Маверик Вињалес.

Трката е на програмата во недела во 14 часот.