Првиот човек на Dorna, којa го води Светскиот шампионат во мотоциклизам, Кармело Еспелета, најави дека Владата на Шпанија следната недела ќе донесе одлука дали сезоната во MotoGP шампионатот ќе започне во јули во Херез

Dorna, заедно со Владата на покраината Андалузија и градот Херез, пред некој ден испратила предлог до шпанските власти за одржување на две трки од MotoGP шампионатот на патеката Анхел Нијето – на 19 и 26 јули. Овие две трки, кои би се одржале како ГН на Шпанија и ГН на Андалузија, би го означиле почетокот на сезоната во кралската класа.

„Чекаме официјален одговор од шпанската влада за ова прашање. Верувам дека во текот на следната недела, ќе бидеме во постојан контакт со нив по разни состаноци, а потоа ќе го добиеме и конечниот одговор за тоа дали е можно да се одржат трки според нашиот план“ , истакнува Еспелета.

До сега вкупно 11 трки од годинашниот шампионат или се одложени или откажани, а првата следна трка која е во планот, а досега не доживеала таква судбина, е Големата награда на Чешка, која е закажана за 9 август. Откажани се трките во Катар, Германија, Холандија и Финска, додека за останатите е оставен простор, за да можат да бидат надокнадени откако ќе се знае точната состојба во секоја од државите во врска со коронавирусот, како и мерките што се во сила. Поради тоа, сè уште не се знае како би можела да изгледа сезоната, но Еспелета вели дека многу ќе зависи и од распоредот во Formula 1.

Покрај во MotoGP шампионатот, Херез треба да биде домаќин и на Светското првенство во супербајк во првиот викенд од август, а тоа би било втората трка во сезоната, бидејќи истата веќе започна во Австралија на крајот од февруари