Возачот на Yamaha, Маверик Вињалес, победи на трката за Големата награда на Катар, со што започна овогодинешниот шампионат во MotoGP

Со победата на ГН на Катар, Шпанецот стигна до деветтиот триумф во кралската класа и 21-от во кариерата, со секунда предност пред Жоан Зарко на Pramac Ducati. Трет беше возачот на Ducati, Франческо Бањаја, кој во директен дуел го победи бранителот на титулата Жоан Мир.

Трката на патеката „Лосаил“ која ја отвори новата сезона во кралската класа беше решена на осум круга пред крајот, иако првата половина од трката сугерираше поинаков исход. Бањаја поведе од пол-позицијата и ја контролираше трката пред Зарко, додека Вињалес беше заглавен и поназад од неговиот тимски колега Фабио Квартараро. Меѓутоа, откако го престигна младиот Французин, тој започна да се пробива во поредокот, го нападна и Бањаја, кој се обиде, но не успеа да одговори.

Оттогаш, Шпанецот возеше одлично, зголемувајќи ја предноста што во еден момент беше околу една и пол секунда. Интересно беше зад него, каде се водеше вистинска битка за останатите две позиции на пиедесталот. Зарко успеа да го надмудри Бањаја, кој го загуби и третото место во последниот круг, бидејќи беше престигнат од Мир, кој направи голем пробив по проблематичниот период. Пред самиот финиш, Мир го нападна Зарко, а него Бањаја. На крајот по оваа трилер завршница бранителот на титулата остана со кратки ракави, додека Французинот и возачот на Ducati ги делеа само 37 илјади делови од секундата.

Најдобар меѓу останатите беше Квартараро, пред Алекс Ринс на Suzuki, следен од браќата Еспаргаро – Алеш на Aprillia и Пол на дебито во Honda. Првите десетмина ги комплетираа вториот возач на Ducati, Џек Милер и Енеа Бастијанини од Avintia на своето деби.

Она што ја одбележа првата трка покрај борбата на врвот е секако лошиот настап на вицешампионот од минатата година, Френк Морбидели, кој на крајот заврши само како 19-ти. Неговиот тимски колега Валентино Роси ја заврши својата прва трка по 20 години како возач на приватен тим на 12-то место.

2021 Grand Prix of Qatar | Резултати

2021 Grand Prix of Qatar | Race Highlights

https://youtu.be/kmW_ZPrddL4

Шампионатот во Мото ГП продолжува следната недела со ГН на Доха, трка која исто така ќе се вози на патеката Лосаил.