Алекс Маркез и Мир на подиумот, Квартараро надвор од поени

По два екстремно студени дена, поради кои стартот на MotoGP трката беше поместен за еден час, возачите ги пречека убаво и сончево време. Водечкиот во шампионатот, Фабио Квартараро во квалификациите се избори за пол-позицијата, иако доживеа два пада на слободните тренинзи и на патеката излезе со помош на патерици.

На стартот, Вињалес се снајде најдобро, ја поведе трката пред тандемот Petronas Yamaha и Suzuki. Крачлоу загуби 8 позиции, а најинтересниот дуел на почетокот на трката се одигра помеѓу Довициозо и Алекс Маркез во борбата за 8-то место.

Во 2. круг, пад на Бањаја, а потоа Квартараро константно вози најбрзи кругови во желба да го стигне Вињалес.

Сепак, во 6. круг Французинот ја загуби позицијата од Ринс, кој наскоро го престигна и водечкиот Вињалес. Во исто време, Алекс Маркез на Repsol Honda, еден по еден, ги престигна конкурентите и до средината на трката се проби до 4. место.

Последиците од паѓањата на Квартараро веќе беа очигледни во тие моменти. Накагами го престигна во борбата за 6-то место, а потоа наиде и групата предводена од Довициозо и Милер.

Изборот на меки гуми од Вињалес се покажа како лоша одлука бидејќи на 10 круга пред крајот загуби две позиции, од Мир и Алекс Маркез. Во исто време, Квартараро паѓаше сè пониско во поредокот и пред финишот на трката се најде надвор од бодови.

На пет круга пред крајот, Алекс Маркез го престигнува Мир и тргнува во потера по Ринс. Возачот на Suzuki, сепак, одолеа на сите напади и на крајот прв мина низ целта со што стана осми различен победник во тековниот шампионат. Помладиот брат на големиот шампион на Honda беше задоволен од освојувањето на 2-та позиција, додека со пласманот на 3. место, Мир го презеде водството во генералниот пласман и со тоа стана првиот ас на Suzuki на лидерската позиција уште од времето на Кени Робертс во 2001 година.

Резултати

MotoGP 2020 Aragon Highlights

https://youtu.be/pQpJty63PzA

Изјавија по трката

 

 

 

Следната трка ќе се одржи на истата патека веќе следната недела.