Се очекува едногодишен договор со отворена опција и за 2022 година

Како што и се очекуваше, Валентино Роси се договори со тимот на Petronas, за кој треба да вози следната година и со тоа даде конечен одговор на прашањето дали ќе се пензионира или ќе продолжи да се трка.

Откако фабричкиот тим на Yamaha се одлучи за тандемот Виналес / Квартараро, најдобрата опција која му остана на „Докторот“ беше да се приклучи на сателитскиот тим на фабриката на која и беше лојален со години. Иако Petronas секогаш им давал приоритет на млади надежи, ангажманот на Роси никогаш не беил доведен во прашање. Клучните преговори се веќе завршени, а остануваат уште неколку важни детали што веројатно нема да бидат проблем.

Имено, Роси би сакал со себе да го земе тимот на механичари кои го следат уште од времето кога возеше за Honda. Познато е дека „Докторот“ секогаш има исти луѓе околу него, што нема да му пречи на Petronas, бидејќи механичарите на Квартараро заедно со него преоѓаат во фабричкиот тим на Yamaha.

Сега се чека само официјалното известување и потписот со кој ќе се потврди усниот договор. Идната година Роси гаражата би ја делел со својот пријател Франко Морбидели, со кого веќе тренира на ранчот. Неофицијално, доколку докторот дополнително ја одложи одлуката за пензионирање, Petronas би бил подготвен да го ангажира и во 2022 година.