Андреа Довициозо, возачот на Ducati, ја оправда пол позицијата од саботните квалификации и победи на трката во Брно

Трката за ГН на Чешка, Довициозо ја заврши со време од 40:01,221 и на тој начин дојде до својата деветта победа во кариерата, оставајќи ги зад себе својот тимски колега, Хорхе Лоренцо и Марк Маркез од Respol Honda.
„Докторот“ Валентино Роси заврши на четвртото место, иако беше во битка за врвот се до самиот финиш.

На 12 круга пред крајот, Роси дојде до првата позиција, но возачите на Ducati брзо го стигнаа и поминаа, а потоа истото го сторија и Марк Маркес и Карл Крачлоу.

Набрзо потоа со спектакуларен маневар Лоренцо доаѓа на првата позиција, но сепак Довициозо има подобар излез од кривината, а искусниот Шпанец се враќа на втората позиција.

Маркес со третото место во крајниот пласман може да биде многу задоволен од својата 100-та трка, бидејќи го зголеми водството во генералниот пласман во однос на второпласираниот Роси. Шпанецот останува убедливо прв со 181 поен пред Роси со 132 поени. По победата во Брно Довициозо сега е трет со 113 поени пред Вињалес со 109 и Лоренцо со 105 поени.

Следната трка од шампионатот се вози веќе за седум дена за ГН на Австрија.