Мобилна проституција: Иднината носи бордели на четири тркала
Внатрешноста на автономните возила ќе биде сосема различна од сегашните автомобили, па во нив ќе има место за кауч или кревет, така што овие автомобили би можеле да станат место за проституција
За бројните иновации и промени кои може да ги донесат автономните автомобили е доста пишувано – од (барем така повеќето од нас се надеваат) многу поголема безбедност до фактот дека луѓето веројатно нема да ги возат автомобилите (со тоа нема ни да им треба возачка дозвола), ниту пак ќе поседуваат автомобил. Наместо да се купи автомобил, ќе биде поедноставно и поевтино само да се повика автономно возило кога е потребен превоз.
Но, тоа нема да бидат единствените промени кои ќе ги донесат автомобилите без возач. Научници од Оксфорд и Сари спровеле студија за други потенцијални иновации кои може да се очекуваат со популаризацијата на возилата кои ќе ги управува компјутер. Влијанието на таквите автомобили ќе може да се почувствува дури и на пазарот на проституцијата, бидејќи со автономните автомобили може да се појават и мобилни бордели. Бидејќи автомобилите ќе бидат сосема поинаку дизајнирани, а внатрешно ориентирани првенствено кон удобност на патниците – може да се очекуваат каучи и кревети, наместо седишта, а оние што сакаат секс, наместо во хотелска соба, ќе може да изнајмат автомобил во кој нема да има возач да им пречи.
Исто така, автономните возила може да имаат влијание и врз рестораните и хотелската индустрија, бидејќи патниците, наместо во хотели, би можеле и да преспијат во такви возила. Таквите преноќувања може да бидат поевтини во споредба со хотелските, а луѓето ќе бидат во можност да си комбинираат бизнис со задоволство и додека компјутерот го контролира возилото до саканата дестинација, луѓето ќе може да преспијат.
За оние кои се брзаат, таквите возила би можеле да ги заменат и рестораните, бидејќи тие би можеле да ручаат или вечераат се разбира додека се возат.
Ова истражување дава малку поинаков поглед на автономните возила и големи, односно револуционерни промени кои би можеле да влезат во нашите животи – сигурно е дека тоа нема да биде во скоро време, но на патиштата има се повеќе тестни возила управувани од страна на компјутер, така да со тек на времето бројот на автомобили со кој управуваат луѓето секако ќе се намалува.