И покрај тоа што станува збор за класична ван база, цената на ова возило стои рамо до рамо со блиндирани претседателски лимузини

Реномираниот производител на камиони MAN претстави специјално модифицирано комбе кое сега ја презема улогата на мобилна лабораторија за тестирање на коронавирус. Со ова возило, може да се дојде до некоја потенцијална фокусна точка, да се земат примероци и веднаш да се обработат на самото место. Шеснаесет уреди Vivalytic од понудата на Bosch Healthcare Solutions можат за само 39 минути да ги обработат земените примероци и да дадат резултат..

Во превод, потребно е помалку од еден час од земање на примерок до добивање на резултатот. Дневниот капацитет за обработка по возило е околу 500 тестови, што значи дека едно такво возило може да ги реши сите проблематични области во нашата земја.

Покрај овие уреди, MAN целосно ја прилагодил и внатрешноста на ванот кон новосоздадените услови. Така, сите површини се рамни и мазни за да се олесни лесна дезинфекција. Исто така, заедно со соодветно сигнално осветлување, возилото има посебен резервоар за контаминиран отпад со капацитет од 46 кг, а има и компјутер, клима и резервоарите со средства за дезинфекција и вода.

Во понуда се две верзии, стандардна и проширена верзија базирана на моделот TGE на MAN. Кај проширената верзија, постои посебен дел за земање примероци, а опремата вклучува 8 уреди за PCR тестирање. 

Возилото е придвижувано од дизел мотор со моќност од 177 КС, има автоматски менувач и погон на сите тркала. Возилото чини дури 650.000 евра, но цената се оправдува со екстремно скапата медицинска опрема.

Во MAN велат дека нивното возило е идеално за употреба во ненадејни жаришта како што се домови за стари лица, но исто така и на гранични премини или помали области подалеку од болниците. Интересот се очекува да биде голем, а веќе се склопени и испорачани првите две возила.

Треба ли Македонија да набави барем едно вакво возило? Со оглед на сегашниот развој на настаните, односно недоволен број на термини за тестирање, а се поголем наплив на пациенти, наше мислење е секако да. Со кратење на многу други непродуктивни трошоци, ќе се обезбеди нешто што секако ќе помогне во борбата и брзото дијагностицирање на коронавирусот, а со тоа и навремено лекување на оние на кои тоа им е најмногу потребно.