Финецот само гласно зборува за идејата на луѓето кои го водат натпреварувањето

Двократниот светски шампион во Formula 1, Мика Хакинен, вели дека спортот има потреба од „војна на гумите“, односно потреба од најмалку уште еден снабдувач на гуми за тимовите. Од пред извесно време Финецот е амбасадор на компанијата Nokian која произведува гуми и оваа есен учествува во промоцијата на новите летни модели на гумарскиот бренд.

Мика Хајинен беше дел од Formula 1 во периодот од 1991 до 2001 година, а во поголемиот дел од тоа време шампионатот се одвиваше со еден добавувач на гуми, но првата титула на Хакинен во 1998 година дојде во тесна битка помеѓу Bridgestone и Goodyear, кога McLaren беше партнер со јапонската компанија, а Ферари со американската.

„Често ме прашуваат што треба да се направи за Formula 1 да стане поинтересна. Можностите за тоа се многу, идеите – исто, но треба да се земе предвид и фактот дека не може сè да се промени“, вели Хакинен. „Според мене, ако во светскиот шампионат учествува барем уште еден снабдувач на гуми, тоа ќе ја направи битката за титулата, поинаква и поинтересна. Но, свесен сум дека ова бара сериозна инвестиција.

„Колку што знам, прашањето со добавувач на гуми нема да се промени, па подобро да не се фокусираме премногу на тоа. Факт е дека сега нема вистинска конкуренција кога станува збор за гумите. Мора да има и други играчи за да има конкуренција. Пилотите кои сега возат во Formula 1, ми објаснија дека гумите постигнуваат одреден врв во перформансите и ако ги преоптоварат уште сосема малку, почнуваат да се прегреваат. Ова не е критика за Pirelli, знам дека го прават она што FIA и тимовите го сакаат“.

Pirelli е ексклузивен снабдувач на гуми во Formula 1 од 2011 година. Пред тоа, од 2006 до 2011 во овој спорт учествуваа две компании, а барем до 2024 тимовите ќе работат само со една компанија.