Веќе поранешниот прв човек на Opel брзо најде нова работа

Михаел Лошелер нова работа не бараше долго време. „Довчерашниот“ прв човек на Opel ќе раководи со автомобилскиот оддел на виетнамската компанија Vin Group. Лошелер ќе биде одговорен за понатамошниот развој на споменатата марка и зголемување на нејзиното присуство на глобално ниво.

Лошелер пред Opel работеше во Volkswagen, но тој своите вистински способности ги покажа во производителот од Риселхајм. За краток временски период, тој успеа целосно да ја оживее германската марка и да ја преведе од статус на губитник во профитабилна марка.

Во иднина, германскиот менаџер ќе управува со VinFast, пред се со операциите во неколку земји, од каде ќе започне продажбата на електрични возила на овој нов производител. Тоа се: Виетнам, САД, Канада, Франција, Холандија и Германија. Една од првите задачи за новиот извршен директор ќе биде проширување на нови пазари.

„Многу сум возбуден што доаѓам во VinFast. Со нетрпение ги очекувам големите предизвици што претстојат“, ќе рече Михаел Лошелер. 

Неговото поранешно место во Opel ќе го заземе Уве Хохгешурц, човекот кој досега ja водеше филијалата на Renault во Германија. Хохгешурц ја започна својата кариера во автомобилската индустрија во 1990 година во Ford, а потоа работеше во Volkswagen од 2001 до 2004 година кога преминува во Renault.