Како и остатокот од автомобилската индустрија, така и Daimler исто така се бори со забавување на пазарот како резултат на влегување во рецесија, а тука се и стандардните проблеми како што се отповикувања на возила поради различни фабрички грешки и дефекти, како и казните врзани со нелегалните дизели

Еден од начините за борба против ваквите проблеми е заштеда на пари, што во превод значи затегнување на ременот за работниците, како и за менаџерите. Така во Daimler, товарот на рецесијата веројатно ќе го почувствуваат сите вработени. Со овој план за штедење, Daimler треба да го намали бројот на раководни позиции за 10%, односно ќе отпушти околу 1.100 вработени на соодветни позиции. Покрај тоа, месечниот надоместок за останатите 300.000 работници во Германија ќе биде замрзнат. Веста е објавена од германскиот Süddeutsche Zeitung, а потврда за истата има и од Handelsblatt и германската новинска агенција DPA.

Daimler засега ги негира отпуштањата, но веста се очекува да ја објави првиот човек на концернот, Ола Калениус, веќе овој четврток. Тој, наводно, ќе побара од работниците да не бараат покачувања на платите до понатаму или сè додека не се отстранат последиците од споменатите проблеми.

Како потсетување, по повлекувањето на 60.000 примероци на моделот GLK , трошоците за дизелите достигнале до сума од 2,6 милијарди евра. Токму затоа не треба да биде изненадување што во вториот квартал Daimler има минус од 1,2 милијарди евра, прв пат во последните десет години.