Mercedes-Benz во Русија располага со имот вреден две милијарди евра, без кој лесно би можел да остане доколку заживеат предлозите на некои политичари од оваа земја, според кои би било паметно да се национализира имотот на странските компании кои заминале од земјата откако започна воената офанзива против Украина

За ова јавноста ја запозна самиот Mercedes, а веста ја објави Reuters.

Можеби пошироката јавност не е запознаена, но доста интересни информации им се достапни на луѓето кои сакаат и знаат да ги читаат (толкуваат) финансиските извештаи на компанијата, кои се јавни документи. Така, во извештаите на Mercedes се наведуваат ризиците кои ги носи војната во Украина, а меѓу нив е и ризикот поврзан со прекинатите синџири за снабдување со компоненти, но и проблемите поврзани со снабдувањето со енергенси па и со таканаречените сајбер напади.

„Овие ризици би можеле дополнително да се зајакнат со уште еден, оној што се однесува на можна експропријација на имотот во сопственост на нашите подружници со седиште во Руската Федерација“, велат од Mercedes.

„Единствена Русија“, владејачката партија во земјата, минатата недела објави дека владината комисија го одобрила првиот чекор кон национализација на имотот на компаниите во чиј капитал со повеќе од 25% учествуваат од ентитети од „непријателските земји“ (оние кои воведоа санкции кон Руската Федерација).

Познато е дека Mercedes-Benz негува фабрика во рускиот град Есипово. Се наоѓа на четириесет километри северозападно од Москва, а во неа се вработени повеќе од илјада работници. Тие се занимаваат со склопување на Е-класата и кросовери со трокраката ѕвезда, како и придружни активности во врска со нив.

Фабриката беше отворена во април 2019 година во присуство на Владимир Путин. Тоа што тој присуствуваше на церемонијата не е случајност, ако се земе предвид дека тоа е првата странска фабрика за автомобили отворена во Русија во последните години. Причина за тоа беа санкциите изречени на најголемата земја во светот, иако во нешто поблага форма.

По тој повод Путин изјави дека фабриката годишно ќе склопува околу 25.000 возила и дека инвестицијата во развојот на проектот е вредна речиси 300 милиони американски долари.

Интересно е и тоа што Mercedes-Benz објави дека нејзините подружници со седиште во Русија имаат актива во вредност од две милијарди евра, но и обврски кон банките во износ од приближно една милијарда евра. Сепак, тешко дека овде би дошло до компензација, имајќи во предвид дека германската групација има издадено глобално валидни гаранции за покривање на ризикот од наплата на побарувањата по основа на кредит.