Mercedes-Benz лансираше наменски бренд за „многу ексклузивни колекционерски автомобили“, Mythos, како дел од напорите да ја зголеми продажбата на премиум возила за 60% од 2019 до 2026 година.

Најавен при претставувањето на долгорочни планови за стратегија на производи, Mythos ќе произведува специјални возила со мал обем за „најпосветените ентузијасти и колекционери на Mercedes-Benz“.

Најавната илустрација прикажана од Mercedes сугерира дека првиот Mythos автомобил ќе биде Speedster со отворен покрив базиран на новиот Mercedes-AMG SL, веројатно позициониран како ривал на слично замислените креации од Aston Martin, Ferrari и McLaren.

Mythos треба да биде позициониран над Maybach во однос на портфолиото на брендови на Mercedes.

„Повеќето луксузни компании го градат своето портфолио на една или две вистински икони. Mercedes-Benz е среќен што има повеќе култни производи и брендови на горниот дел од своето портфолио, како што се S-Class, SL, G-Class, како и брендовите AMG и Maybach“, вели извршниот директор на Mercedes, Ола Калениус. „Тука гледаме голем потенцијал да го прошириме нашето врвно портфолио со уште пофасцинантни производи за нашите клиенти“.

Фокусирајќи се на своите најлуксузни производи со најголема маржа, Mercedes има за цел да „испорача силен финансиски резултат дури и под попредизвикувачки пазарни услови“.

Целта е оперативна маржа од 14% до средината на деценијата што е подржано со пренасочување на 75% од вкупната инвестиција за развој на овие автомобили со поголема маржа. Како и многу производители, Калениус дава приоритет на производството на поскапи модели за време на тековната криза во синџирот на снабдување, со 30% зголемување на побарувачката за премиум модели што помогна за зголемување на приходите за 9% минатата година, иако производството забележало пад од 5%.

Од Mercedes наведуваат дека отсега ќе се фокусираат на три различни категории на автомобили: врвен луксуз, основен луксуз и почетен луксуз. Врвниот луксуз ги вклучува сите возила на AMG и Maybach; најскапите EV модели со ознака EQ; Mercedes S, Mercedes GLS и Mercedes G деривати и сите модели во ограничена едиција.

Клучна компонента на оваа нова стратегија ќе биде верзијата Maybach на новиот SUV EQS, кој беше претставен на минатогодишниот автосалон во Минхен и треба да се појави во салоните во 2023 година. Ќе има и Maybach верзија на SL, како и ново купе Maybach, кое најверојатно ќе се базира на претстојниот AMG GT.

Mercedes вели дека сè уште го проценува проширувањето на семејството G надвор од денешната G-класа. Во 2024 година ќе лансира електрична верзија на луксузниот 4×4, со ознака EQG.

Основниот луксуз се однесува на C и Е класата, од кои втората ќе влезе во нова генерација следната година и ќе го „посочи патот напред за сегментот“.

Поместувањето кон полуксузни производи има значителни импликации за стартните модели на Mercedes, на кои Калениус алудираше на почетокот на овој месец, сугерирајќи дека марката „ќе гледа нагоре наместо надолу“. Mercedes ќе ја намали својата линија на почетни модели од седум на четири „исто така значително подигајќи ја технолошката супстанца на овие производи“.

Првиот компактен EV на новата ММА платформа, кој пристигнува во 2024 година, ќе даде тон за повторно откривање на овој дел од линијата. Не е јасно кои точно модели ќе бидат пуштени во продажба како дел од реновирањето, но неодамнешната затемнета слика сугерира ново базично купе со четири врати по CLA калап.