Германскиот производител сака да ја намали улогата на салоните во процесот на дистрибуција

Mercedes e со намера да ја обнови својата продажна мрежа, настојувајќи притоа да го намали бројот на посредници меѓу производителот и купувачите. Во следните години бројот на трговци на овој бренд во Германија ќе се намали за цели 20 отсто.

„Сакаме да бидеме поблиску до клиентите и на тој начин да имаме подобра контрола врз цените, поради што се оддалечуваме од сегашната улога на застапник“, вели финансискиот директор на Mercedes, Харалд Вилхелм, како што пренесува Automotive News Europe.

Германскиот производител сака да ја намали улогата на салоните во процесот на дистрибуција, што значи затворање на 15-20 отсто од постоечките капацитети во Германија и околу 10 отсто во светот. Ова е чекор кон зголемување на уделот на онлајн и директните канали на продажба. Според проценките, во 2025 година дури четвртина од новите Mercedes модели ќе се продаваат онлајн.

Останатите возила ќе се нудат според агенциски модел, што значи дека производителот, а не дилерот, ќе им фактурира на клиентите, а улогата на салонот ќе биде ограничена на испорака, сервисирање и секако провизија за секој продаден автомобил.

Mercedes својата одлука ја објаснува со желбата да воспостави поблиски односи со клиентот, иако таквата одлука има економски причини. Доколку таквиот потег не е исплатлив, Германците сигурно немало ни да размислуваат за тоа.

Треба да се спомене дека напуштањето на традиционалните салони на Mercedes е процес кој веќе е во тек. Само во 2021 година, производителот раскинал 25 договори во Европа. Според најавите, процесот ќе се интензивира во наредните години.