Збогум на мануелното „шалтање“ во моделите на трокраката ѕвезда на Стариот континент

Веќе некое време е забележлив трендот на напуштање на мануелниот менувач кај премиум брендовите. Mercedes со пласманот на новата генерација на C-класата целосно ги елиминира мануелните менувачи и остави само „автоматски“ во употреба.

Сега таа судбина ќе го снајде и остатокот од гамата на брендот од Штутгарт. Според Automobilwoche, Mercedes следната година ќе започне да ги елиминира мануелните менувачи од своето портфолио во Европа.

Што значи тоа во суштина? Па, Mercedes моментално има само неколку автомобили во понуда кои сè уште имаат рачен менувач. Тоа се претежно возила од C сегментот, како што се A-класата или CLA.

Двата модели се на дневен ред за ажурирање или рестилизација. Со неа Mercedes официјално ќе ги укине рачните менувачи во овие возила и со тоа целосно ќе раскине со таа технологија.

Германските новинари сметаат дека ова е уште еден начин да се заштедат пари и да се пренасочат финансиските ресурси кон проекти за развој на EV технологија и електричните автомобили.