Менаџер на Volkswagen: Луѓето со пониски примања наскоро нема да можат да си дозволат нов автомобил!
Според VW, дополнителните трошоци за надградба и намалување на емисиите би биле неколку илјади евра по возило
Дискусиите за воведување на строгиот Еуро 7 стандард се при крај. Стандардот треба да влезе во сила во 2025 или 2026 година, а ако се тргне со најрадикалниот предлог промовиран од некои членки на ЕУ, стандардите за емисија на нови автомобили ќе бидат толку строги што веројатно тоа ќе биде и крај за моторите со внатрешно согорување.
Во Volkswagen сметаат дека новите правила не само што би значеле крај за моторите со внатрешно согорување, туку и за многу хибридни автомобили. Досега, бензинските и дизел автомобили со таканаречени благи хибридни системи ги исполнија тековните гранични вредности и стандардите за потрошувачка. Со Еуро 7 тоа нема да биде така.
„Се плашиме дека 48-волтниот систем нема да биде доволен“, вели за Business Insider, висок менаџер на VW. „Инсталацијата на поголем електромотор е непропорционално скапа“.
Според VW, дополнителните трошоци за надградба и намалување на емисиите би биле неколку илјади евра по возило. Таквата сума ќе има директно влијание врз бројките за продажба на помалите модели. Малите автомобили би ја изгубиле предноста по основ на трошоци, а со нив и клиентите. Од VW доаѓа порака дека новите (мали) автомобили нема да бидат достапни за луѓето со пониски примања.
„Колку ниски? Па, сè уште не го знаеме тоа“, велат од Volkswagen.