Откако Volkswagen го лансираше Golf, Audi моделот Ѕ3, а Mercedes-AMG ги усовршува последните детали за надградениот А35, одговорот на BMW доаѓа во форма на ревизија на сопствениот компактен „hot hatch“

BMW сè уште не сака на „единицата“ да и даде комплетен M третман и да го создаде M1, па така M135i xDrive останува изборот на оние кои сакаат подобри перформанси од баварскиот хечбек кој сега добива серија механички ажурирања по помалку од три години на пазарот.

Потребно е да се знае дека ова не е редовно рестилизирање во средината на животниот циклус, во речникот на BMW наречено Life Cycle Impuls (LCI), туку суптилна еволуција на предводникот на Серија 1.

Рекалибрираните пружини и амортизери од компанијата велат дека го подобруваат однесувањето на шасијата при динамично возење низ свиоци. Инженерите, исто така, добро ги подесиле носачите на осцилирачките рамена и контролните врски на задната оска. Што се однесува до предната суспензија, тука е хидраулична стега која се користи за поврзување на рамената на предниот систем за суспензија, додека наклонот на тркалото е зголемен за подобро да ги апсорбира страничните сили при движење низ свиоци.

Ажурираниот M135i xDrive го задржува својот механички диференцијал со ограничено пролизгување, вграден во осумстепен автоматски менувач, а истото може да се каже и за 2.0-литарскиот турбо мотор. Овој 4-цилиндерски агрегат продолжува да испорачува 306 КС (225 kW) и 450 Nm, што ги испраќа до сите тркала. Најмалиот перформантен автомобил на BMW се потпира на стандардни тркала од 18 инчи, додека оние од 19 инчи се опционални.

Со оглед на тоа што BMW сега нуди индивидуални нијанси за обичната Серија 1, сосема е логично M135i xDrive да го добие својот „фенси“ колорит. Примерокот на фотографиите доаѓа во (не-металик) „Sao Paulo“ жолта нијанса, но во игра се и новите како Frozen Pure Grey и Frozen Orange.