McLaren тврди дека Speedtail е духовен наследник на легендарниот F1 модел

Од компанијата велат дека Speedtail е пресвртна точка не само за McLaren, туку и за целиот сегмент. Британците велат дека цената за Speedtail изнесува 1,97 милиони евра.

Како вистински следбеник на патот пробиен пред повеќе од две децении од фантастичниот F1, Speedtail го краси брзина од 402 km/h. Новиот предводник на брендот од Островот се наметнува како директен конкурент на Bugatti Chiron, но за разлика од него, не се потпира на брутална моќ, туку на врвна аеродинамика, која била на чело на листата на приоритети при дизајнирање на овој неверојатен автомобил.

Панелите се претежно изработени од јаглеродни влакна, а обликот од кој се почнало при дизајнирање на моделот е т.н. форма на солза. До кој степен инженерите на McLaren го подредиле дизајнот најдобро говори дизајнот на предните тркала. Имено, на себе имаат мала дупка, која служи за вовлекување на воздухот и негово канализирање преку посебни тунели под возилото.

Speedtail се откажал и од традиционалните ретровизори, па наместо нив користи мали камери. Доколку се вклучи модот Velocity, овие камери може целосно да се вовлечат во внатрешноста на каросеријата, а самиот автомобил со активирање на модот се спушта за дополнителни 35 милиметри.

McLaren засега одбива да објави каков е погонот во овој фантастичен модел. Она што е познато е дека станува збор за хибрид, а британскиот бренд наведува дека возачот има на располагање 1.035 „коњи“. McLaren, исто така, тврди дека Speedtail од место до 299 km/h забрзува за само 12,8 секунди, 2,7 секунди подобро од моделот P1.

Хиперавтомобилот од британската работилница е тросед. Позицијата на возачот е во средината, додека патниците се малку назад, лево и десно. Во согласност со технолошките трендови, салонот е богат со разни екрани. Два екрани се резервирани за пренос на сликата од камерите (ретровизорите), додека три екрани се поставени пред возачот, од кои централниот претставува дигитална табла со инструменти.

Од McLaren велат дека ќе бидат произведени само 106 примероци од ова вистинско ремек-дело на автомобилската индустрија. Се разбира, сите примероци се распродадени, а првите испораки се очекуваат во првата половина од 2020 година.

Loading...