Maserati Ghibli во „пензија“ од 2023 година
Италијанскиот луксузен седан е во залезот на неговата кариера
Maserati објави дека Ghibli ќе се симне од сцената во 2023 година и ќе се поклони на публиката. Нема планови за нова генерација, ниту за директен наследник. Покрај тоа, во Maserati очекуваат дека идниот SUV модел ќе биде доволен за покривање на сите амбиции во D сегментот.
Брендот од Модена очигледно има многу доверба во идниот Grecale. Тие истакнуваат дека овoj SUV модел ќе биде кадарен да изнесе голем товар на своите рамена, а така се чини дека размислуваат и новинарите од Апенинскиот полуостров кој сметаат дека токму Grecale може да биде бестселерот на Maserati.
Во август минатата година, италијанскиот бренд го презентираше последниот додаток во гамата на Ghibli. Станува збор за моќната Trofeo варијанта која користи V8 агрегат со потекло од Ferrari – 3.8-литарскa V8 twin’turbo единица. Овој мотор обезбедува 580 КС и 740 Nm овозможувајќи и на лимузината да оди до максимални 326 km/h.
Така, седанот од Модена ќе заокружи десет години долга кариера, со оглед дека дебитираше во 2013 година на Шангајскиот салон за автомобили. Ова е воедно третиот, а некои велат и последен, модел на Maserati, кој се нарекува Ghibli. Првиот беше легендарниот фастбек од 1960-тите, за да ознаката се врати во раните 1990-ти во форма на купе со две врати.
Според неофицијални податоци, Maserati Ghibli од почетокот на кариерата во 2013 година па се до 2019 година има забележено нешто помалку од 20.600 регистрации во Европа.