Околу 50% од припадниците на сообраќајната полиција на Малта изненадувачки се нашле зад решетки

Полицајците биле приведени под сомнение за измама, поточно пријавување на вишок работни часови, без всушност и да бидат на работа за време на тие часови.

Властите во Малта посочуваат дека сториле сé што е можно за ова апсење да не се одрази на самиот сообраќај, па затоа побарале привремена услуга од поранешни членовите на законот и редот, некогаш сообраќајни полицајци. Жителите на Малта наведуваат дека во последните денови на улиците имало драстично помалку полицајци.

Уапсени се околу 30 службеници од сообраќајната полиција, под обвинение дека во изминатите три години запишале стотици прекувремени часови, целосно непостоечки. Некои од уапсените полицајци се обвинети и за кражба на гориво од службени возила.

Премиерот на Малта, Роберт Абела, ја пофали полицијата за „истрагата на нивните редови“ што укажува дека работите функционираат како што треба.

„Ова е знак дека нашата полиција правилно ја работи својата работа“, вели премиерот на Малта.

Роберт Абела неодамна го презеде кормилото на Владата на Малта и им вети на граѓаните на оваа мала европска земја дека ќе го врати владеењето на правото.