Македонскиот дизајнер Дејан Христов, инспириран од култното Yugo, замислил модерна EV верзија на едноставниот градски автомобил од поранешна Југославија

И покрај едноставноста и базичноста која ја нудеше овој автомобил откако беше претставен во 1980 година, Yugo имаше шарм и многу луѓе во СФРЈ можеа да си дозволат автомобил за прифатлива цена, а во 1985 година моделот дури „слета“ и на американско тло.

Иако работите не одеа добро во САД за фабриката со седиште во Крагуевац, автомобилот сепак успеа да добие статус на познат автомобил и „преку Атлантикот“.

Денес, македонскиот дизајнер Дејан Христов, инспириран од култниот статус за кој зборуваме, замислил модерна верзија на едноставен градски автомобил со електричен погон. Со оглед на тоа што се уште може да се најде на нашите патишта, модерната изведба треба да сподели повеќе од името со својот претходник.

Дејан користел познати стилски знаци во неговата модерна интерпретација, вклучувајќи закривена хауба, хоризонтална линија на знаци и карактеристична форма на задниот дел. Модерниот и спортски изглед се постигнува со поиспакнати калници, продолжени браници, црни А-столбови и потенки LED светла.

Притоа, за рендерите избрал добро познати југословенски споменици во Крагуевац, Остра, Илирска Бистрица, Колашин, Крушево, Марибор, Скопје, Никшиќ, Белград и други места …

Доколку дигиталното рендерирање стане реалност, конкуренцијата ќе ги вклучи Peugeot e-208, Opel Corsa-e, Renault 5 и Honda e, иако цената би била поблиску до Dacia Spring. Да потсетиме, Yugo се произведуваше помеѓу 1980 и 2008 година во Крагуевац, Србија, и беа произведени вкупно 794.428 единици. 

Во САД се продадени вкупно 141.651 автомобили од 1985 до 1992 година. И покрај одличниот почеток поради ниските цени, прашањата за квалитетот и сигурноста сериозно ја нарушилe неговата репутација. Во 1987 година сe продадени само 48.812 примероци, додека во 1992 година само 1.412 примероци.

Дејан Христов предвидува нова ера за Yugo и дури планира да го испрати својот проект до српската влада. Тој, исто така, сугерира дека Rimac Automobili може да учествуваат во проектот, додека производството може да оди во Stellantis, новоформираниот автомобилски гигант кој ја поседува фабриката во Крагуевац. Притоа, литиумот за батерии од локални извори ќе ја намали цената на батериите колку што е можно повеќе. Сепак, засега се останува на овие интересни рендери …