„Луѓето во ЕУ ќе купуваат поевтини кинески автомобили, а не европски! Куповната моќ опаѓа!“, вели првиот човек на Stellantis
Карлос Таварес верува дека европските политичари мора да им помогнат на компаниите да се борат против новите агресивни цени на азискиот увоз
Проширувањето на кинеската автомобилска индустрија во Европа и Америка значи дека ќе имаме многу да пишуваме во наредните години, а вие ќе имате уште поголем избор кога станува збор за изборот на вашите идни автомобили.
Но, иако доаѓањето на Кинезите може да биде возбудливо за оние кои се надвор од индустријата, оние во етаблираните западни производители на автомобили се преплашени. Извршниот директор на Stellantis, Карлос Таварес, во разговор со новинарите на CES 2023 во Лас Вегас изјави дека европските компании ќе се соочат со „ужасна борба“ со нивните кинески колеги кои доаѓаат доколку политичарите во регионот не им помогнат на компаниите како што се Stellantis, BMW и Volkswagen.
„Разликата во цената меѓу европските и кинеските возила е значајна“, вели Таварес. „Ако ништо не се промени во сегашната ситуација, европските купувачи од средната класа се повеќе ќе се свртуваат кон кинеските модели. Куповната моќ на многу луѓе во Европа забележително опаѓа“.
Шефот на Stellantis тврди дека европските производители на автомобили се борат со едната рака врзана зад грб бидејќи регулативите во Европа значат дека возилата произведени во регионот се околу 40 отсто поскапи за производство од ривалските модели произведени во Кина.
„Мислам дека сме го гледале овој филм и порано“, вели Таварес, споредувајќи го сценариото со судбината на европската индустрија за соларни панели која загуби од кинеските производители, иако лесно може да се осврне и на битката на Детроит против европскиот и јапонскиот увоз во 1960-тите и 70-тите, или борбата на британската мото индустрија против јапонските возила на две тркала во истиот период.
„Тоа е многу мрачно сценарио“, вели тој. „Но, не мора да биде така.“ Таварес вели дека ако европските политичари не успеат да ги заштитат локалните индустрии, тие ќе бидат принудени да го преселат производството во поевтини земји за да ги намалат трошоците и директно да се натпреваруваат со евтините кинески производи. Во контекст на тоа, базниот MG4 EV чини повеќе од 12.000 евра помалку од најевтиниот Volkswagen ID.3.
Европските политичари се соочени со тешки одлуки, но ќе мора брзо да ги донесат. „Во сегашниот контекст, ако ништо не се преземе во Европската унија, ќе има страшна борба“, предупредува Таварес.