Луѓето станаа подебели, но куклите за краш тестови останаа исти: EuroNCAP воведува голема промена…
Дебелите луѓе имаат 79 отсто поголеми шанси да бидат повредени споредено со просечниот возач
Главната европската безбедносна организација EuroNCAP денес ќе објави нови мерки при тестирање на безбедноста на патниците во автомобилите. Поточно, станува збор за кукли кои ќе станат подебели поради зголемувањето на стапката на дебелина низ светот.
Иако нема многу податоци за тежината на жртвите во сообраќајни несреќи, статистиката покажува дека дебелината го зголемува ризикот.
Според Националната администрација за безбедност на сообраќајот на патиштата на САД, дебелите луѓе (40 отсто од возачите во САД) имаат 79 отсто поголеми шанси да бидат повредени споредбено со просечниот возач.
Исто така, постарите лица (20 проценти од возачите) имаат 76 проценти поголеми шанси да бидат повредени споредбено со просечниот возач.
Безбедносните уреди, вклучувајќи ги и безбедносните појаси, се стандардно оптимизирани за просечен возрасен маж со тежина од околу 73 килограми, а моментално најтешката кукла која се користи за калибрирање на воздушните перничиња и безбедносните појаси тежи 98,5 килограми.
Сепак, експертите на EuroNCAP се загрижени дека оваа тежина повеќе не е соодветна. Редизајнираната кукла треба да ги заштити патниците и со тежина до 124 килограми.
Според програмата EuroNCAP Vision 2030, безбедносните уреди ќе покриваат поширок опсег – според тежината, возраста и полот.
Метју Ејвери, испитувач на EuroNCAP, вели дека дебелите возачи можат лесно „да се излизгаат под воздушното перниче и да удрат во воланот“.
„Системите оптимизирани за возачи со просечна висина не функционираат исто за пониски или повисоки возачи, но ниту за дебели или физички поранливи постари возачи. Тие имаат поголем ризик од фатални последици“, заклучува Ејвори.
Конечната, официјална верзија на планот EuroNCap треба да ја објави денес.