Лидер во светот: Две третини од новите возила во Норвешка во 2021 година се електрични и хибридни модели
Норвешка сака да биде прва во светот која ќе ја забрани продажбата на бензински и дизел автомобили уште во 2025 година
Продажбата на електрични и хибридни автомобили во Норвешка минатата година пораснала за 48 отсто и сочинувала две третини од вкупната продажба, покажуваат податоците од Здружението за патен транспорт на Норвешка, OFV.
Норвешка сака да биде прва во светот која ќе ја забрани продажбата на бензински и дизел автомобили уште во 2025 година, и покрај тоа што во голема мера се потпира на производство на нафта и гас. Исто така, Владата ги ослободила граѓаните од обврската да плаќаат даноци за купување електрични автомобили.
Вкупно 176.276 нови автомобили се продадени во Норвешка минатата година, четвртина повеќе од една година порано, според OFV. Приближно две третини се нови електрични и хибридни автомобили или 48 отсто повеќе отколку во 2020 година.
Американскиот производител на електрични автомобили Тесла држи 11,5 отсто од норвешкиот пазар и за прв пат во 2021 година се позиционира како водечки бренд, пред Volkswagen чиј пазарен удел е 9,4 отсто.
Најпопуларен е секако Model 3 на Tesla, пред хибридниот RAV4 на Toyota, единствениот автомобил меѓу првите 10 што има мотор со внатрешно согорување и електричниот ID.4 на Volkswagen, на третото место.